НЕВРЕМЕТО КОРНЕШЕ ПОКРИВИ, БУЧЕШЕ КАКО ДА НИ ПАДНА АВИОН ДОМА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ВО БИТОЛСКО ЖИВОЈНО

    НЕВРЕМЕТО КОРНЕШЕ ПОКРИВИ, БУЧЕШЕ КАКО ДА НИ ПАДНА АВИОН ДОМА, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ ВО БИТОЛСКО ЖИВОЈНОНеобичниот вртеж за 15 секунди нанел штета на пет куќи со помошните објекти кои му биле на патот, а другите останеле недопрени. (Фото: СДК.МК)

    Однесени ќерамиди од куќите, откорнати покриви од гаражи, штали, амбари и други помошни објекти, оштетни возила, земјоделска механизација и прекинато струјното напојување, ваков пустош зад себе остави вртежот сличен на торнадо што на 18 јули го зафати битолското село Живојно. Жителите сведочат дека преживеале досега невидено невреме, во кое вртежот кревал лимови на височина од неколку метри, а ќерамидите од покривите на куќите ги вртел како да се од хартија.

    Кажуваат дека необичната временска појава каква што никогаш претходно немале забележано се движела во правец југозапад кон југоисток, и за 15 секунди нанела штета на пет куќи со помошните објекти кои му биле на патот, а другите останеле недопрени.

    „Работевме во дворот, зет ми беше качен на комбајнот, а јас бев до пумпата и едно време само се стемни, ветришта се појавија, јас се фатив за цевката, се испашив да не падне нешто да ме отепа или да не ме однесе ветерот. И сето тоа помина, се видовме сите дека сме добри, кога внучињата велат ‘дедо, покривот од гаражата го нема’, го крена ветерот. После, други рекоа и на комшијата покривот му го нема“, вели Стево Јанакиевски од Живојно.

    По невремето селаните си ги барале покривите и ќерамидите по туѓи дворови и по доловите. Лимената настрешница од малската продавници ветрот ја однел стотина метри потаму. Вртежот бил придружен со силен звук.

    „Невремето дојде за секунда, фати да ги врти ќерамидите како книги да се, фатија да летаат нагоре. Ние сите бевме дома, ако бевме надвор и нас ќе не̍ кренеше. Се слушаше како авион да бучи, како авион да ни падна дома. Ни ја оштети шталата, куќата ми ја откри, потоа вренеше и вода течеше внатре“, вели Љубо Каранфиловски.

    Селаните веруваат дека станува збор за торнадо и бараат метеоролозите да ги следат ваквите појави и навреме да бидат предупредени.

    „Имам околу 60 години и вакво чудо досега немам видено. Постарите жители раскажуваат дека имало виулици, но ова не беше виулица, ова беше страшно нешто. Бев во дворот кога видов дека иде невреме, влегов дома. Слушнав едно силно зуење, како да имаше некој пуштено многу улишта со пчели. Тоа беше 10 до 15 секунди. Кога излегов надвор, што ќе видам. Се̍ беше разрушено. Според снимки направени од жители од селото, имало вртежи големи кои носеле лимови и на стотина метри во висина“, вели Младен Атанасовски од Живојно.

    Во неговиот двор, како што вели, невремето му срушило помошен објект направен пред три години, а дел од откорнатите материјали му го оштетиле џипот. Штетите ги пријавија во Општина Новаци и очекуваат известување дали ќе можат да добијат отштета за, како што велат, елементарната непогода.

    Слично торнадо на 11 јули на Пелистер имаше фотографирано планинар од Битола. Професорот по географија Мите Ристов изјави дека вртежите на облаци што се евидентирани деновиве во Битолско би можеле да бидат првите торнада на македонско тло. Тој рече дека циклонот кој се спушти од Централна Европа и го зафати Балканскиот Полуостров предизвика силен продор на студен воздух, кој со мешањето со топлиот воздух и високата влажност во атмосферата предизвика нестабилно време и кратка појава на торнадо.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира