НИ ТРЕБА ВЛАДИНИОТ АВИОН ЗА ДА ДОНЕСЕМЕ ЛЕКАР КОЈ ЌЕ НАПРАВИ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПУМПА, ВЕЛАТ ОД „ХРАБРО СРЦЕ“ НА ДЕНОТ НА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТО

    НИ ТРЕБА ВЛАДИНИОТ АВИОН ЗА ДА ДОНЕСЕМЕ ЛЕКАР КОЈ ЌЕ НАПРАВИ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО МЕХАНИЧКА ПУМПА, ВЕЛАТ ОД „ХРАБРО СРЦЕ“ НА ДЕНОТ НА ОРГАНОДАРИТЕЛСТВОТОДенес во Охрид, на Светскиот ден на органодарителството,се делеа едукативни флаери за подигнување на свеста кај населението да ги донираат своите здрави органи по смртта и со тоа да спасат животи. (Фото: СДК.МК)

    Националното здружение „Храбро срце“ денеска, на Денот на органодарителството, од Охрид побара услови од државата за да почне трансплантација на срце кај пациентите со механичка пумпа. Пациентите со вградена механичка циркулаторна потпора со години чекаат трансплантација, но ако се најде соодветен дарител, државата треба да обезбеди владин авион за да се донесат стручни лица од странство кои ќе ја изведат операцијата. Досега не е извршена ниту една ваква трансплантација во земјава оти државата засега им дава само празни ветувања.

    „Тоа е возможно со ставање во функција на владиниот авион бидејќи за трансплантација имаме време само три-четири часа, а за толку кусо време од Словенија, Германија или Хрватска би можело да пристигне доктор само со авион“, вели претседателот на „Храбро срце“, Васко Јолески.

    Бројот на пациенти со механичка пумпа се намалува. Од 25 регистрирани пред само 5 години, денес им десетина. Во Охрид и Струга има две лица, едниот на 38-годишна, а другиот на 31-годишна возраст, и дваjцата четири години чекаат ваков оперативен зафат.

    „Времето истекува, овие уреди никако не може да се претстават како што сакаат да ни ги претстават како трајна дестинација. Може да се трајна дестинација за лица кои навршиле 65 години и кај кои трансплантација е невозможна, а за помлади луѓе во светот веќе е практика прво да се постави пумпа мост до трансплантација, а потоа се оди на трансплантација“, кажува Јолески.

    За овие лица пумпата, батеријата, каблите и струјата значат живот. Секојдневно се изложени на животозагрозувачки ризик па единствената надеж им е трансплантацијата на срце.

    На Светскиот ден на органодарителството, кој се одбележува на 13 август, денес во Охрид се делеа едукативни флаери за подигнување на свеста кај населението да ги донираат своите здрави органи по смртта и со тоа да спасат животи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира