НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ЗОШТО ПРЕСУШУВА БРАНАТА МАНТОВО, ВО ТЕК СЕ РЕСТРИКЦИИ ЗА РАДОВИШКО ПОЛЕ

    НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ЗОШТО ПРЕСУШУВА БРАНАТА МАНТОВО, ВО ТЕК СЕ РЕСТРИКЦИИ ЗА РАДОВИШКО ПОЛЕМерното скалило кај насипот на браната Мантово веќе е на суво. Од максимални 48 милиони кубни метри вода, капацитетот е сведен на 11 милиони, па се воведени рестрикции во користењето на водата. (Фото: СДК.МК)

    Браната Мантово ова лето пресушува како никогаш досега. Во своето 45-годишно постоење оваа вештачка акумулација е со најниско ниво. Од максималниот капацитет од 48 милиони кубни метри вода, браната ова лето располага само со 11 милиони кубни метри, што значи дека капацитетот е намален за повеќе од четири пати.

    Земјоделците реагираат на недоволните количества вода што тие ги добиваат, но во Подружницата за водостопанство „Радовишко Поле“ која е задолжена за хидромелиоративниот систем „Мантово“, не знаат зошто што ја имаат најлошата хидролошка состојба досега.

    „За разлика од другите акумулации во Македонија кои се полни со вода, Мантово е во обратна состојба. Во мај и јуни имаше дождови, но акумулацијата наместо да се полни таа од ден на ден добиваше пониско ниво. Водата како да се губи, како да понира некаде. Имаме една чудна необјаснива појава. Имаме проблеми и со каналската мрежа долга 29 километри која е застарена и неисчистена. Недостасуваат и работници за одржување затоа што повеќе работници заминаа во пензија, а нашите барања за нови вработување не се исполнуваат“, вели раководителката Сања Ристова.

    Вештачката акумулација Мантово е изградена во 1978 на 25 километри од Штип и на 15 километри од општините Радовиш и Конче. (Фото: СДК.МК)

    Поради ваквата катастрофална хидролошка состојба, подружницата „Радовишко Поле“ е принудена да врши рестрикции во користењето на водата, па речиси цел месец водата наизменично се пушта на три дена по левиот, односно десниот магистрален канал преку кои се наводнуваат околу 500 хектари обработлива површина во Радовишко Поле и дел во Општина Конче.

    Вештачката акумулација Мантово е изградена во 1978 на 25 километри од Штип и на 15 километри од општините Радовиш и Конче на површина од 4,5 квадратни километри  со најголема длабочина од 40 метри. Уште во старт нејзината основна намена била да се наводнуваат земјоделските површина претежно во Општина Радовиш и дел во Општина Конче под чија управа територијално спаѓа и целата акумулација, како и за технолошка вода за потребите на рудникот Бучим. Оваа година, рудникот има потрошено речиси 2,5 милиони кубни метри вода, наместо вообичаените 1,5 милиони кубни метри.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира