НИКОЈ ВЕЌЕ НЕ ГО СПОМНУВА ВРАЌАЊЕТО НА РЕКАТА САТЕСКА ВО СТАРОТО КОРИТО, ИАКО Е НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    НИКОЈ ВЕЌЕ НЕ ГО СПОМНУВА ВРАЌАЊЕТО НА РЕКАТА САТЕСКА ВО СТАРОТО КОРИТО, ИАКО Е НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОСатеска со политичка одлука во 1961 година беше пренасочена на ново корито (Фото: СДк.МК)

    Откако минатата година сега покојниот градоначалник на Охрид Јован Стојаноски со партнери од ЕУ го најави враќањето на реката Сатеска во старото корито, со што би се елиминирал најголемиот загадувач на Охридското Езеро, сега веќе никој не го спомнува овој проект. Барем досега, и кандидатите за градоначалник не кажаа што планираат со овој проблем.

    Од локалната самоуправа во Охрид велат дека Сатеска во овој момент не била приоритет. Проектот што лани беше најавен и натаму е актуелен, но се чекал погоден момент повторно да се актуелизира.

    Раководителот на Секторот за соработка на делегацијата на Европската унија Никола Бертолини во септември кажа дека овој проект е посебно важен за заштитата на животната средина.

    „Овде, во регионот на Охрид и Струга, наидовме на одлична комбинација на локална посветеност со интернационална поддршка. Многу често помагаме вакви проекти, затоа што животната средина е исклучително важен сегмент во животот на граѓаните. Ова е вистински одговор на вакви прашања”, кажа Бартолини.

    Според достапните податоци, со политичка одлука од 1961 година, без да се води сметка за загадувањето на Охридското Езеро, Сатеска наместо да се влева во Црн Дрим, беше пренасочена на ново корито. Оттогаш се влева во езерото. На вливот со години се гледа како Сатеска носи тони ѓубре и друг отпаден материјал. Во изминативе децении имаше неколку најави дека оваа река ќе се врати во старото корито, но поради недостаток на средства, отсуство на еколошка свест, но и поради потребата езерото да има повеќе вода за производство на електрична енергија, тоа се одложуваше.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира