НОВА ЖИЧАРНИЦА НЕМА ДА ЈА СПАСИ ПОПОВА ШАПКА АКО НЕМА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ

    НОВА ЖИЧАРНИЦА НЕМА ДА ЈА СПАСИ ПОПОВА ШАПКА АКО НЕМА УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕЈавната дебата отвори дилеми дали прво да се гради жичарница Тетово-Попова Шапка или првин да се среди останата инфраструктура. (Фото: СДК.МК)

    Каква е иднината на Попова Шапка, во кој правец треба да се развива и што треба да биде приоритет, беше темата на јавната трибина на која дискутираа претставниците од локалната самоуправа, јавниот сектор, невладини организации и граѓани, кои даваа предлози и размислувања како овој наш најголем зимски туристички центар да си го поврати стариот сјај, речиси целосно изгубен изминативе години. Јавната расправа беше иницирана од градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, кој рече дека иако мастерпланот за Попова Шапка е направен уште пред десетина години, сè уште не е донесен Детален урбанистички план (ДУП) за овој туристички центар, што е и една од главните причини за негова стагнација изминативе години.

    „Неколку години е во подготовка Деталниот урбанистички план за Попова Шапка, а ние земаме обврска и подготвеност оваа година и да го донесеме. Развојот на Попова Шапка е поврзан со развој на инфраструктурата во делот на пристапни патишта, паркинг места и инвестиции во делот на изградба на нова жичарница од Тетово до Попова Шапка. Сé што е во интерес на локалната власт, ние сме тука да покажеме подготвеност и да бидеме во служба на побрзо развивање на Попова Шапка. За изградбата на нова жичарница ние веќе пуштивме до релевантни светски компании во оваа бранша и една од нив направи контакт со нас. Ние сега собираме информации и понуди за да видиме кои се можностите за изградба на жичарницата. Исто така, во план ни се и изградба на неколку катни гаражи за да се реши проблемот со паркингот“, рече градоначалникот Касами.

    Тој вели дека според информација што ја добил, некоја слична жичарница во соседна земја долга 9 километри чинела 13 милиони евра, а па очекува изградбата жичарницата до Попова Шапка да изнесува помалку, бидејќи таа би била долга 6,5 километри.

    Недостатокот на паркинг места и сообраќајниот хаос кој поради ова се предизвикува на Попова Шапка ја наметнува идејата за изградба на нова жичарница од Тетово до Попова Шапка, со оглед на тоа дека постоечката не е во функција и е многу застарена. На јавната дебата токму за оваа иницијатива имаше различни мислења околу тоа дали жичарницата треба да биде приоритет во изградбата или пак првин треба да се среди останата инфраструктура на Попова Шапка, па дури потоа да се инвестира во нејзина изградба.

    „Сметаме дека најпримарна точка е изградбата на жичарата Тетово-Попова Шапка. Ако успееме неа да ја изградиме, тогаш сите проблеми на Попова Шапка како домино ефект, ќе се решат еден по друг. Исто така, ние бараме Деталниот урбанистички план паралелно да се изработи и за викенд населбата, делот на хотелите заедно со скијачките патеки. Не можеме да имаме скијачки патеки за 30.000 посетители, а да немаме доволно легла и паркинг места. Ќе бараме во Деталниот урбанистички план да се предвиди добивање маркици за изградба на хотели со цел да се зголеми сместувачкиот капацитет“, вели Хамди Сулејмани од движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“.

    За идејата за изградба на нова жичарница имаше и поинакви размислувања од учесниците во јавната дебата.

    „Решението за Попова Шапка мора да биде комплетно, со учество на сите фактори вклучувајќи ги и граѓанските иницијативи. Јас сум противник во овие услови, со оваа инфраструктура, да се трошат енормни суми пари за изградба на гондолска жичарница. Сметам дека првин овде треба да се среди инфраструктурата, а дури потоа да се инвестира во жичарница. И цената е проблематична, ако изградбата на шестоседната жичарница на Попова Шапка чинеше 5 милиони евра за должина од еден километар, која е логиката дека гондолната жичарница би чинела 1 или 1,5 милиони евра за еден километар? Тоа што јас го знам е дека изградбата на една таква една жичарница изнесува 5 до 5,5 милиони по еден километар, односно би се дале можеби и над 30 милиони евра. Со тие пари, кога би се вложиле во инфраструктурата на Попова Шапка, таа би се препородила“, вели граѓанскиот активист Валентин Тасевски.

    Тасевски исто така најави дека наскоро, покрај неколкуте студии кои изминативе години се направен за тоа како да се развива Попова Шапка, а за кои се платени големи пари, ќе излезе и една тетовска студија, направена од стручните лица од Тетово, бидејќи локалните стручни лица најдобро ги знаат проблемите, но и можностите што може да ги понуди овој наш најголем зимски туристички центар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира