НОВАТА ДИРЕКТОРКА НА МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО ВО ШТИП ИЗБРИШАЛА ПОЛА ОД СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ИЗБРАНИ НА КОНКУРС ЗА ПРОЕКТ ВО ШПАНИЈА И САМА НАПРАВИЛА НОВ СПИСОК

    НОВАТА ДИРЕКТОРКА НА МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО ВО ШТИП ИЗБРИШАЛА ПОЛА ОД СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ИЗБРАНИ НА КОНКУРС ЗА ПРОЕКТ ВО ШПАНИЈА И САМА НАПРАВИЛА НОВ СПИСОКЗа неколку месеци два списока на патници за Шпанија од Средното медицинско училиште во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Половината од 24 ученици од Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип нема да заминат на студиското патување во Шпанија, затоа што новото раководство на училиштето направило нов список на учесници во проектот „Чекор по чекор“ од програмата Еразмус на ЕУ. Станува збор за двонеделен хуманитарен проект во еден дом за стари лица во Мадрид, каде практично ќе се укажува помош на стари и изнемоштени лица.

    Проектот требало да се реализира во август, а потоа во септември лани, но се одложол затоа што во меѓувреме дошло до смена на раководството на училиштето „Јане Сандански“, па директорката Марија Николиќ без никаков основ го анулирала првичниот список кој веќе бил објавен на огласната табла и на фејсбук страницата на училиштето и создала нов список на учесници на овој проект, кој исто така пред новата година бил објавен на огласната табла потпишан од директорката.

    „Се направи нова селекција според критериумите што ги предвидува проектот, а врз основа на укажувањата“, ни рече Николиќ.

    Но, нејзината одлука за комплетно ревидирање на списокот веднаш предизвикала бурни реакции кај учениците и нивните родители.

    „Ние како родители, но и невладини организации, даваме поддршка на обесправените и одбиените ученици и сметаме дека сево ова се случува на политичка и партиска основа откако се смени раководството на Медицинското училиште, кое изготвило нов список без поништување на претходниот конкурс и објавениот список на патници за Шпанија, без јавно објавен нов конкурс и без никакви јавни критериуми и правила за избор, па инкогнито и со злоупотреба на службената должност била извршена интерна селекција на нови лица со одземање на поени на кандидатите од првичниот список кои биле додадени на кандидати од новиот список кои ниту аплицирале, ниту биле тестирани, ниту вакцинирани“, велат родители.

    Тие велат дека пред предвиденото патување, лани во март и април сега отпишаните ученици се вакцинирале против ковид-19 како услов за одење во Шпанија, а сега на нивно место други ќе одат невакцинирани и избрани надвор од сите критириуми. Родителите најавуваат приговори и поднесоци до невладините и владините институции за да спречат самоволие на раководството на училиштето и комисиите што наводно биле избрани, и сметаат дека бил изготвен нов список за да влезат други ученици или професори кои го поддржуваат новото раководство и пројавиле желба да патуваат за Шпанија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира