НОВАТА ПАТЕКА КОН ГОРИЦА ЌЕ ГО ИСУШИ ОХРИДСКОТО БЛАТО, АЛАРМИРААТ ЕКОЛОЗИТЕ

    НОВАТА ПАТЕКА КОН ГОРИЦА ЌЕ ГО ИСУШИ ОХРИДСКОТО БЛАТО, АЛАРМИРААТ ЕКОЛОЗИТЕПри градењето на патеката мораше да се обезбеди врска на остатокот од Студенчишко Блато со езерото, за тоа треба да се ископаат канали кои ќе ја обезбедат таа врска и кои ќе ја осигураат циркулацијата на водата и живиот свет, велат еколозите; - од отварањето на новата пешачка патека (Фото: СДК.МК)

    Новата патека на потегот од мостот кај Студенчишта до пред некогашниот хотел „Парк” кај Горица, која пред едн недела беше пуштена во употреба, ќе го исуши Охридското Блато, сметаат еколозите. Овдешната јавност таман се израдува кога беше соопштено дека нема да има урбанизациија на Блатото, а веќе следеше пуштање во употреба на бетонска патека.

    Студенчишко блато е многу важен елемент за одржување на охридскиот екосистем, од поголем број причини, а особено за краповидните видови риби, бидејќи таму има нивно мрестилиште. Старите охридски рибари велеле дека Блатото е филтер за Охридското Езеро, дека Езерото тука се плакне, дека тоа се неговите бели дробови.

    Продолжување на шеталиштето долж брегот на Охридското езеро се изведуваше во три фази во изминативе две години. Патеката е долга 1.390 метри, а широка 12 метри, со две патеки за велосипеди и ролери и со хортикултурно уредување на средината. Долж патеката е изведен скејт парк и фитнес зона, а наскоро ќе се изгради и ново детско игралиште.

    „Мораше и мора да се обезбеди врска на остатокот од Блатото со езерото. За тоа треба да се ископаат канали кои ќе ја обезбедат таа врска и кои ќе ја осигураат циркулацијата на водата и живиот свет. Тоа е единствен правилен пристап. Сѐ друго можеби е убаво за очи, ама штетно за природата и природните процеси”, вели Дејан Пановски, координатор на Дримскиот проект.

    Пановски  вели дека и порано постоеле канали за да се обезбеди циркулација меѓу Езерото и Блатото.

    „Дел од тие канали постојат и треба да се расчистат и уредат, а треба да се обезбедат и нови пасажи и за водата и за живиот свет“, вели Пановски.

    Градоначалникот Никола Бакрачески вели дека овој зафат го поздравиле граѓаните од цела Македонија и очекува дека со реализацијата на овој проект ќе се збогати туристичката понуда за посетителите на градот.

    Долж шеталиштето е поставена урбана опрема и јавно осветлување. Во проектот се вложени вкупно 41.116.880 денари, од кои 14 милиони денари се обезбедени преку ИПА програмата за прекугранична соработка со соседна Грција. Градежните работи на терен ги изведуваше фирмата „Еуро Стил“ од Охрид.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира