НОВАТА ПЕЧКА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД УШТЕ ЈА НЕМА НА ДРИСЛА, А ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ПОСТАВЕНА ПРЕД 6 МЕСЕЦИ

    НОВАТА ПЕЧКА ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД УШТЕ ЈА НЕМА НА ДРИСЛА, А ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ПОСТАВЕНА ПРЕД 6 МЕСЕЦИИзвршниот директор на Дрисла Горан Ангелов вели дека решиле на депонијата за согорување на опасен отпад да се постави насовремена технологија односно да не биде печка туку стерилизатор, кој ќе стаса пролетва. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На депонијата „Дрисла“ сè уште ја нема новата печка за согорување на медицински отпад, која требаше да биде набавена до јуни минатата година. При промовирање на филтерот на постојната печка лани во април, менаџментот на италијанскиот концесионер на депонијата „ФЦЛ Амбиенте“ најави дека за три месеци ќе стигне нова печка, па старата нема да се користи за согорување опасен отпад.

    Но, оттогаш помина половина година, а на Дрисла нова печка нема, медицинскиот отпад се согорува во старата, која пак од пред некој ден повторно загадуваше поради дефект на филтерот, па од денеска не е во функција.

    „Станува збор за најсовремени светски трендови за третман на медицински отпад. Не го гори отпадот, туку го стерилизира, неутрализира и го претвора во комунален отпад“, вели извршниот директор на Дрисла Горан Ангелов; – Градоначалникот Петре Шилегов и Ангелов при промовирање на филтерот лани во април (Фото: Ѓ. Личовски)

    Извршниот директор на Дрисла Горан Ангелов вели дека решиле на депонијата за согорување на опасен отпад да се постави насовремена технологија, односно да не биде печка туку стерилизатор. Поради тоа, било потребно да се добие одобрение од Министерството за животна средина за промена на начинот на третман на отпадот и се потпрошило повеќе време. Ангелов најавува дека современиот стерилизатор ќе стаса пролетва.

    „Станува збор за најсовремени светски трендови за третман на медицински отпад.  Не го гори отпадот, туку го стерилизира, неутрализира и го претвора во комунален отпад. Со тоа не се испуштаат никакви штетни честички во воздухот. Стеризиларот ќе се набави од италијанско-белгиска фирма и чини околу 1,3 милиони евра“, вели Ангелов.

    Ангелов, кој е назначен од концесионерот „ФЦЛ Амбинете“ за извршен директор на депонијата, објаснува дека кога ќе се набави стерилизаторот сегашната печка ќе се користи само за уништување на ситен отпад, како банкарски картички, документи. Стерилизаторот ќе има капацитет за обработка на медицинскиот отпад од цела Македонија.

    Сегашната печка од 2000 година согорува медицински отпад на депонијата и сè до лани немаше филтер. Филтерот беше набавен и поставен откако Министерството за животна средина по извршените контроли лани во јануари ја казни Дрисла, и забрани да работи печката додека не биде поставен филтерот за апсорбирање штетни честички.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира