Новите електрични автобуси што треба да ги набави Град Скопје ќе имаат значително помал капацитет од сегашните автобуси на ЈСП „Скопје“. Тие ќе собираат вкупно 66 патници, односно 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и дури 30 места помалку од автобусите донирани од Европската Унија, се вели во новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за тендерски постапки во коишто е воочена недоследна примена на Законот за јавни набавки и воедно грижата за јавните пари не била примарна.
Во анализата на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси се вели дека по две поништени постапки, унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, од конкуренти, одеднаш станаа партнери.
Тендерот за набавка на електрични автобуси бил спроведен трипати во период од 15 месеци. Со секое повторување, учесниците станувале познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалувала неизвесноста и се зголемувал ризикот од координација меѓу понудувачите.
Во вториот тендер, унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ настапувале како конкуренти, за во третиот тендер да достават заедничка понуда, која била избрана за најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење кои ќе ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската „Сангроу пауер саплај“.
Победничката понуда не била најниска, туку била избрана откако две поевтини понуди биле отфрлени. Вредноста на набавката е 60 милиони евра, од кои 57 милиони евра се за автобусите, а 3 милиони евра за станиците за полнење.
Од 150 автобуси, 100 ќе бидат за Град Скопје, а останатите 50 за другите градови.
„Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата. Со тоа се доведуваат во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки“, велат од ЦГК.
Од таму додаваат дека Министерството за транспорт не ги доставило до ЦГК побараните документи, вклучително и анализата врз основа на која била подготвена и менувана тендерската документација.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на седница на Советот на Град Скопје на 31 август годинава, кажа дека со унгарската фирма „Икарус“ е потпишан договорот за набавка на 150 електрични автобуси, рече . Тој кажа дека првите автобуси ќе стигнат до крајот на годинава.
„Сум ги видел автобусите, ултрасовремени. Веќе нашите тимови работат на двете позиции, Автокоманда и Ѓорче Петров, каде ќе се поставуваат полначите за електричните автобуси“, рече Ѓорѓиевски.



