НОВИТЕ ПЛАСТИЧНИ КОНТЕЈНЕРИ ВО РАДОВИШ ЗАПАЛЕНИ ВТОРПАТ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, КОМУНАЛЕЦ ЌЕ ГИ ВРАЌА СТАРИТЕ МЕТАЛНИ

    НОВИТЕ ПЛАСТИЧНИ КОНТЕЈНЕРИ ВО РАДОВИШ ЗАПАЛЕНИ ВТОРПАТ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, КОМУНАЛЕЦ ЌЕ ГИ ВРАЌА СТАРИТЕ МЕТАЛНИРадовишкото комунално претпријатие го пријавило вандализмот во полиција, а денеска ќе ги повлече останатите пластични контејнери и повторно ќе ги постави старите дотраени метални. (Фото: СДК.МК)

    Пластичните контејнери во Радовиш поставени во центарот на градот се запалени по вторпат за две недели. Утрово околу три часот, запалени се нови контејнери кои беа поставени пред старата стоковна куќа, каде пред две недели беа запалени други пластични контејнери.

    Од Јавното претпријатие „Плаваја“ од Радовиш се запрепастени од несовесното однесување на жителите кон урбаната опрема, случајот го пријавиле во полицијата и бараат итно наоѓање на сторителите.

    „Со овој чин одредени поединци ја покажуваат својата некултура, лично воспитание и непочитување на општествените вредности. Овие пластични контејнери ги набавивме за да го унапредиме урбаниот изглед на градот, но за жал некому тоа му пречи. На ова локација запалени и уништени се комплетно нови два пластични контејнера“, велат од „Плаваја“.

    Во полицијата потврдија дека има пријавено случај на уништување на урбана опрема во центарот на Радовиш и дека ги преземаат сите мерки за наоѓање на сторителите. Од радовишкото комунално претпријатие велат дека денеска ќе бидат повлечени останатите пластични контејнери од градот.

    „Бидејки констатиравме дека сме мета на вандалско однесување кон пластичните контејнери, ја известуваме јавноста дека ќе ги повлечеме од сите локации каде се поставени со цел да се заштитиме од понатамошни финансиски штети“, велат од „Плаваја“.

    Претпријатието повторно ќе ги постави старите дотраени метални контејнери.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира