Мнозинството советници во Советот на општина Кавадарци не ја прифати Предлог програмата за работа за 2018 на кавадаречкиот Дом на култура, во која меѓу другото имаше и проект „Кавадаречка култура во Њујорк”. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најпрвин бараа да се изземе точката од дневен ред на последната седница. Но кога таа сепак остана за да се расправа по неа, рекоа дека ја прифаќаат програмата, но без предвидените проекти поврзани со патувања во странство.
Нивните колеги од СДСМ и коалиционите партнери, гласаа против програмата.
„По претходна коорднација на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе гласаме за, но со забелешки и заклучок. Финансиите во врска со меѓународната активност , проектот Македонска уметност во Копенхаген, Данска и Кавадаречка култура во Њујорк, не влегуваат во буџетот на Општината. Средствата да не бидат одобрени од Општината, затоа што тие средства можат да бидат пренаменети во многу други покорисни работи во интерес на кавадарчани. Да се изземат патувањата во странство, домаќински да се работи, за доброто на градот. Рационално со буџетот, како дома”, беше ставот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот од оваа партија рече Зоран Јованчев рече дека затоа и баралае изземање на точката и да се врати програмата на доработка.
„Програмата не е катастрофална, има и добри проекти таму. Ние ќе ја гласаме со заклучок средства од буџетот за меѓународни патувања, шетки и прошетки на одредени функционери да нема. Секогаш ќе го браниме буџетот. Пари од граѓаните за шетки и патувања по белиот свет нема. Тие средства може се потрошат за социјално ранливи категории или лекување, за болни и изнемоштени, за лица со посебни потреби“, рече Јованчев.
Светницте од СДСМ рекоа дека побарувањето на Домот од Општината е предимензионирано и преголемо оптоварување на општинскиот буџет, па затоа не ја поддржуваат програмата, која според нив, содржи недоречености.
„Се согласувам дека културата има значење. Респект кон сите културни работници. Но би сакал да прокоментирам за парите на граѓаните кои се трошат во оваа институција. Мислам дека кавадарчани треба да знаат како се трошат нивните пари. Предвиден е проект Кавадаречка култура во САД. Би сакал да знам, а тоа сигурно и кавадарчани сакаат, кои беа лани во САД и како беа одбрани баш тие. Кој му дал право на директорот на Домот да го преградува имотот како да е негов, а не на Кавадарци”, рече Лазар Туриманџов од СДСМ.
Тој рече дека според неговите информации, се градело во дворот на Домот објект без дозвола за градба и се уништило летното кино, па сега имало проект да се оди во малото паркче за летно кино. Изрази сомнеж за договарања во четири очи и дека само директорот знае што се договара таму и блиските до него.
„Може да е добар уметник, ама според мене како менаџер е многу лош”, нагласи тој, апелирајќи до институциите и новиот градоначалник за комплетна ревизија на работењето на домот.
Претседателот на Советот Ристо Сакалиев го пофали директорот, но рече ќе гласа против, за наредниот пат да се допрецизира и дообјасни програмата, па тогаш да се изгласа. Девет советници гласаа за, а десет против програмата.
С. ДАРУДОВА