Во организација на нуркачкиот центар „Амфора“, а во рамките на проектот „Охрид ЕКО 2022“ финансиран од Општина Охрид, денеска се чистеше дното на Охридското Езеро од цврст отпад. Во акцијата во која се вклучени 80 нуркачи од земјава, Србија и Хрватска се вадеше најразличен отпад од три локации кај авто кампот Градиште, Музејот на вода и Градското пристаниште.
„Најмногу отпад има таму каде што гравитираат најголем број туристи. Најмногу загадено е Градското пристаниште, но и на сите места каде што се рекреираат туристите. Има различни видови на цврст отпад, сите видови градежен шут, лименки, метални предмети, пластика“, вели Јован Секулоски од нуркачкиот клуб „Амфора“.
Секулоски рече дека од една акција од езерските води може да се извади и до 150 килограми отпад.
„Колку што е поголема акцијата толку повеќе отпад се вади од Охридското Езеро но, со текот на годините гледаме дека се подобрува состојбата, влијанието на пошироката јавност има ефект, вели Секулоски.
Нуркачите од соседните држави сметаат дека свеста за зачувување на животната средина мора да се подигне на повисоко ниво. Велат дека Охрид и Охридското Езеро заслужуваат да бидат чисти но не биле изненадени од отпадот во Езерото, оти секаде има несовесни граѓани кои фрлале ѓубре.
Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков кажа дека е привилегија да се поседува ваква уникатна убавина која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да се вложат напори за да се зачува за идните генерации.
„Недозволиво е во овој прекрасен езерски басен, за кој научниците тврдат дека е стар околу три милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет, да се исфрла најразличен отпад. Затоа е потребно да се организираат многу повеќе вакви акции кои може да придонесат за подигање на еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкружува“, истакна Пецаков.
Општина Охрид изминатиов период заедно со јавните претпријатија организира и повеќе акции за чистење на диви депонии во градот и околината.
С. ВРЕНЦОВСКА