НУРКАЧИТЕ СОБРАА КЕСИ И ЛИМЕНКИ ВО ПРАЗНИЧНОТО ЧИСТЕЊЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    НУРКАЧИТЕ СОБРАА КЕСИ И ЛИМЕНКИ ВО ПРАЗНИЧНОТО ЧИСТЕЊЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОНуркачот Никола Паскали и клубот „Акватек“ извадија најразличен отпад од Езерото. (Фото: Акватек)

    Охридскиот Дедо Мраз, нуркачот Никола Паскали ја започна Новата година со подводна еко акција за чистење на Охридското Езеро, во која е собран најразличен отпад од најлони и лименки до најразлични предмети кои се користат во домаќинството.  Заедно со нуркачите од „Акватек“ ја спроведоа еко акцијата за подигнување на свеста кај граѓаните но, како што велат, нема крај на ѓубрето кое секојдневно се сретнува на дното на Охридското Езеро.

    Токму затоа, на овој начин со празнични еко акции, повторно апелираат граѓаните да не фрлаат отпад во езерските води.

    „Како и секоја година традиционално подводниот еко Дедо Мраз ја изврши својата мисија, извадивме многу отпад и уште еднаш ја покажавме несовесноста на граѓаните и повторно апелираме за чиста животна средина. Да не се фрла отпад и да ги инспирираме младите и другиот дел од населението да се вклучат активно во ваквите волонтерски еко акции“, вели Паскали.

    Во претходните акции од водите на Охридското Езеро извадени беа автомобилски гуми, фенери, правосмукалка, перална, кади, кревети и градежен отпад. Еколозите посочуваат дека пластичните кеси се најголем загадувач на животната средина и апелираат што побрзо да се исфрлат од употреба.

    „Очекуваме 2021, како што најави Министерството за животна средина, кеси повеќе да нема. Пластиката за еднократна употреба треба да ја отфрлиме од употреба и да користиме природни биоразградливи материјали“, вели Паскали.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира