ОБЈАВЕНА ЈАВНА НАБАВКА ЗА ИЗРАБОТКА НА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, 20 МЕСЕЦИ ОТКАКО СОВЕТОТ ЈА ПРИФАТИ ИНИЦИЈАТИВАТА

    ОБЈАВЕНА ЈАВНА НАБАВКА ЗА ИЗРАБОТКА НА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, 20 МЕСЕЦИ ОТКАКО СОВЕТОТ ЈА ПРИФАТИ ИНИЦИЈАТИВАТАВо 2023 советнициите едногласно изгласаа да се изгради гондола на Пелистер и за изработка на студија се издвоија по 32.000 евра за 2024 и 2025 година. (Фото: СДК.МК)

    По 20 месеци откако Советот на Општина Битола ја прифати иницијативата на советникот на Поинаку Иван Чулакоски, за изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на Пелистер, Општината денеска објави јавен повикак за таа намена. Од Општината соопштија дека содржината на физибилити студијата опфаќа мапирање на проектот, со анализа на различни можности и решенија, потенцијални летни и зимски активности, анализа на предности и недостатоци, усогласувањето на жичарниците за да се опфатат сите патеки на скијачкиот центар, опис на опремата на жичарниците, вклучувајќи проект на линијата и пресметковна белешка, истражување за лавини и други аспекти.

    Понудите ќе се отворат на 28 јули , а конечната испорака мора да се заврши во рок од 6 месеци од потпишувањето на договор за извршување на услугата.

    Советот во ноември 2023, по предлогот на Чулакоски, прифати да издвои по два милиона денари (околу 32.000 евра) во 2024 и 2025 година за изработка на физибилити студија и техничка документација за гондола на Пелистер слична како онаа на Златибор, Србија. Потоа се распадна советничкото мнозинство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку.

    Советниот Чулакоски во повеќе наврати од советничката говорници критикуваше дека не се презема ништо за реализација на проектот. Тој во март 2024 година пуштајќи се на штица за сноубординг од врвот на Пелистер, побара од општинската администрација да започне со изработка на проектната документација за гондолата со цел развој на туризмот на Пелистер.

    Од Општината на обвинувањата имаа одговорено дека пред започнување на постапката потребно е да бидат завршени подготвителните активности, кои се однесуваат на изготвување на проектна задача, за да може да се побара изработка на квалитетна физибилити студија.

    Инфраструктурата на Пелистер е посочена како слаба страна во Студијата за туристички развој на планината, изработена од експерти, а која пред советниците на гласање ќе се најде на 14 јули.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира