ОБЈЕКТИ ЗА ИНДИВИДУАЛНО ДОМУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ЗГРАДИ СО 15 СТАНОВИ, ОПШТИНА КАРПОШ ГО ОГРАНИЧИ БРОЈОТ НА СТАНБЕНИ ЕДИНИЦИ

    ОБЈЕКТИ ЗА ИНДИВИДУАЛНО ДОМУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА БИДАТ ЗГРАДИ СО 15 СТАНОВИ, ОПШТИНА КАРПОШ ГО ОГРАНИЧИ БРОЈОТ НА СТАНБЕНИ ЕДИНИЦИИ паркирањето отсега ќе мора да се реши под самиот објект, а не во рамките на градежната парцела. (Фото: Фејсбук)

    Во Карпош нема повеќе да се даваат дозволи објекти за индивидуално домување да прераснат во згради со по 15 станови. Општина Карпош донесе нови одредби во процесот на урбанистичко планирање според кои се ограничува бројот на станбени единици во објекти со намена индивидуално домување.

    Во изминатиот временски период имавме вистинска наезда на претворање на индивидуалните градби во станбени единици за колективно домување. Таа тенденција одеше дотаму, што се одобруваа дури и до 15 станови, и покрај тоа што се работи за индивидуално домување. Притоа, постоечката инфраструктурата и ширината на станбените улици, не можат да овозможат нормално функционирање и живеење ниту за граѓаните кои купуваат станови во тие објекти, ниту пак за останатите жители од тој реон“, вели градоначалникот Стевчо Јакимовски.

    Од тие причини, Општината донесе одлука во урбанистички парцели односно дворовите кои се помали од 350 метри квадратни максимум ќе се дозволуваат до четири станбени единици. Во парцелите до 420 метри квадратни ќе се одобруваат максимум шест станбени единици, а во урбанистички парцели кои се поголеми од 420 метри квадратни ќе може да планираат максимум осум станбени единици.

    Исто така, измени при давање на градежни дозволи се направени и во однос на паркирањето. Инвеститортите отсега ќе мора паркирањето да го решат под самиот објект, а не во рамките на градежната парцела.

    Нема веќе да се одобруваат проекти во кои паркирањето е со помош на таканаречени платформи оти не функционираат, како и со таканаречени клацкалки. Целокупното паркирање, за објекти од индивидуално и колективно домување мора да биде планирано под самиот објект. Доколку постои простор за гаражирање во рамките на самата парцела, тој простор нема да се земе во предвид, туку истиот ќе треба да биде резервиран за станарите кои имаат второ и трето возило, како и за гостите кои доаѓаат во предметниот објект“, додава Јакимовски.

    Оваа измена, како што вели, Јакимовски е направена поради тоа што кај новите градби особено за индивидуално домување, најголем проблем создаваат возилата кои не се паркираат во парцелата или објектот, туку истите остануваат на улиците и тротоарите и го загрозуваат животот на останатите граѓани од таа улица. Дополнителен проблем претставува второто и третото возило кое го поседуваат многу семејства, а со одобрението за градба не е предвиден простор за толку возила. Истото се однесува и за возилата на гостите кои доаѓаат во станбениот објект, кој во случајот е предмет на одобрение за градба.

    Одредбите од овој правилник ќе бидат во важност од денеска (22 јуни) и како што велат од Општина Карпош, ќе се применуваат без исклучок.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира