Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против ексдиректорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот за отпад во претпријатието, за несобирањето на ѓубрето во Скопје. Тие се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Истрагата која ја спрoведе Обвинителството покажа дека во текот на октомври годинава, двајцата обвинети со пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и со непрописно управување со отпадот можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителниот или животинскиот свет во поголеми размери.
„Вршителот на должноста директор во ЈП ‘Комунална хигиена‘ Скопје, постапил спротивно на статутот на претпријатието, на Законот за комунални дејности и не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор. Не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал работите од неговиот делокруг на работа, не учествувал во утврдување на критериумите за користење и распоредување и за управување со средствата остварени со работењето на претпријатието, не го следел и не го анализирал извршувањето на плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивно остварување и не обезбедил мерки за заштита на животната средина. Како директор на јавно претпријатие кое е давател на комунална услуга бил должен, но сепак давањето на комуналните услуги не го вршел постојано и квалитетно и не се грижел да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите“, се вели во обвинението.
- ЧУМА, ТИФУС И НАД 30 ДРУГИ БОЛЕСТИ ШИРАТ СТАОРЦИТЕ И ГЛОДАРИТЕ ШТО МАСОВНО СЕ КОТАТ ПОРАДИ КУПИШТАТА ЃУБРЕ ВО СКОПЈЕ, ЛЕКАРИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ИТНА ДЕРАТИЗАЦИЈА
-
СКОПЈЕ ПАК ЗАТРУПАНО ВО ЃУБРЕ, КАМИОНИТЕ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ОД ВИКЕНДОВ НЕ ИЗЛЕГУВААТ НА УЛИЦА
Заедно со вториот обвинет, вработен како управител за отпад, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и на Законот за управување со отпад не презеле мерки и активности за заштита на животната средина и не ги спроведувале плановите и програмата за управување со комуналниот отпад на подрачјето на Градот Скопје.
„Бидејќи не ја извршиле својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад, ниту побарале измена на Оперативниот план и Оперативна програма, обвинетите овозможиле да се создадат депонии на јавни и сообраќајни површини со одлагање на комуналниот отпад во непосредна близина на предвидените садови за собирање“, велат од Обвинителството.
Бидејќи прибирањето на доказите е завршено, а обвинетите веќе немаат можност да влијаат на постапката, јавниот обвинител предложи мерката притвор да им биде заменета со мерки на претпазливост односно забрана за напуштање на живеалиште и да се јавуваат повремено во судот и привремено одземање на патна исправа или друга исправа за преминување на државна граница. За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, Обвинителството предложи и дополнителна мерка забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно привремено отстранување од работното место.



