Судењето за рушењето на зградата на Работничкиот универзитет во Велес продолжи со сослушување сведоци. Семир Шаботиќ, син и внук на инвеститорите, како сведок на одбраната одговараше на прашањата од адвокатата Павлина Зефиќ-Јакимовска.
„‘Беровиќ транспорт‘ беше ангажиран за вршење на ископ на градежната јама. Тие копаа со багер, се товареше во камиони и се носеше. Ѕидот на зградата на Работничкиот универзитет не беше ископан како другите страни, имаше оставено земја пола метар-метар. Тој дел беше критичен и затоа не се копаше во целост. Потоа продолжи со работа ‘Бени Амар‘. Тие вршеа дренажа, порамнување на дното. Со нив работеше и ‘Руди коп‘, кој ја отстрани земјата што остана од порамнувањето. Работниците на ‘Бени Амар‘ рачно го ископаа делот кај Работничкиот универзитет, кој претходно беше оставен. Таму ставија некои потпирачи, даски“, кажа Шаботиќ.
Тој дополни дека со „Бени Амар“ имале договор за изградба на куќата од почеток до крај.
Сведочеше и обвинетиот Рифат Беровиќ.
„Со инвеститорот бевме договорени за рушење на објектот кој беше на локацијата и за ископ на градежната јама. Со работа започнавме на 29 мај, а завршивме на 2 јуни 2022. При ископот во горната зона, до зградата на Работничкиот универзитет, имавме оставено горе еден метар, долу метар и пол широчина земја. По нас продолжија ‘Бени Амар‘ и ‘Руди Коп‘. Од нас побараа багер, кој ја транспортираше земјата која дополнително се ископа во градежната јама, од страната на Работнички. Ние работевме само четири дена, извршивме рушење и ископ на земјата. ‘Бени Амар‘ беше со нас и кога ние копавме. Ние се повлековме оти беше ризично и очигледно дека зградата ќе падне. Затоа и објектот не го завршивме. Ние сме фирма која врши ископ, не сме фирма која гради кампади и шипови и не прави обезбедување на други згради, не сме за градба. За уривањето на зградата разбравме од медиумите. Не се чувствуваме виновни за рушењето“, кажа Беровиќ.
На прашањето од обвинителката Анастасија Миланова дали имал проект за ископ на градежна јама, тој кажа „не“. На прашањето зошто до обвинителството не е доставен оригиналот од градежниот дневник, обвинетиот кажа дека оригиналот треба да се чува кај нив. На следното рочиште се завршните зборови.
Обвинети за рушењето на дел од зградата на Работничкиот универзитет „Благоја Страчковски“ во Велес се Рифат Беровиќ за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност и правното лице „Беровиќ транспорт“ со одговорно лице Елвид Сарачевиќ за Предизвикување опасност при градежни работи. Тие претходно кажаа дека не се чувствуваат виновни за делата за кои се обвинети.
Според обвинителниот акт, изведувачите, како градежна фирма лиценцирана за таа работа, знаеле дека пред да почнат со ископ на градежна јама треба да имаат соодветен проект за заштита на градежната јама и заштита на соседни објекти и дека во работа треба претходно да биде воведен надзорот. Не биле преземени соодветни мерки за обезбедување на соседните објекти и земјиштето. Работеле без проект за заштита на градежна јама и објектите во соседството и започнале со нејзин широк ископ веднаш до темелите на зградата на Работничкиот универзитет. Како последица на ова, на 17 јуни 2022 се сруши дел од зградата, која е лоцирана до градежната јама.
П. ПЕЧКОВ



