ОБВИНЕТИОТ ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО КОЈА ЗАГИНАА ТРОЈЦА РАБОТНИЦИ ОД ВЕЛЕС БИЛ БРАВАР ВО ФИРМАТА, НО РАБОТЕЛ И КАКО ВОЗАЧ 

    ОБВИНЕТИОТ ЗА СООБРАЌАЈКАТА ВО КОЈА ЗАГИНАА ТРОЈЦА РАБОТНИЦИ ОД ВЕЛЕС БИЛ БРАВАР ВО ФИРМАТА, НО РАБОТЕЛ И КАКО ВОЗАЧ Димитриев, кој е обвинет кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кое го сторил со умисла, не признава вина. (Фото: СДК.МК)

    Со сведочења на претставници на фирмата „Феромонт“ од Скопје продолжи судскиот процес за сообраќајката кај тунелот Катланово, во која загинаа тројца работници кои се враќаа од работа од Скопје за Велес. Сведоците беа предлог на одбраната, која во воведниот говор кажа дека вината не е на возачот, туку во техничката неисправност на возилото со сериозни механички проблеми, што е директен причинител за сообраќајната несреќа.

    Обвинетиот возат Орце Димитриев, според неговите адвокати, бил принуден да го вози возилото без соодветен патен налог, без тоа да му биде негова работна обврска. Прв сведочеше Илија Савов, сопственик на фирмата „Феромонт“. Тој одговараше на прашањата на бранителите Борче Стојанов и Трајче Тошевски. Савов ги опиша обврските на обвинетиот.

    „Обвинетиот работеше како бравар. Со одлуката за превоз која ја имаме, согласно Колективниот договор, беше предвидено и да учествува во сообраќај со службено возило, да управува возило вон работно време. Истите можат да се користат за одење и враќање од работа. Имаме и писмен документ за ваквото овластување, полномоштво, но и обврска за почитување на правилата и прописите во сообраќајот. Лицата кои се овластени да управуваат возило, има денови кога бараат и добиваат слободни часови, што се компензира со работа прекувремено за да се исполни работната обврска. За нив има направено и проценка за ризик“, рече Савов.

    На прашањето дали возилото „форд транзит“ со кое се случи сообраќајката претходно било пријавено дека има неисправност, Савов рече дека имало случај за возило од пред некоја година, но не знае за кое. Возилата биле редовно сервисирани кај овластен сервисер. Кажа дека немаат возачи на патнички возила, но работниците со работните обврски кои ги добиваат,  ја добиваат и таа задача доколку има положено за „Б“ возачка категорија. Кажа и дека не се сеќава дека добил реакција од вработените за возењето на возилото од обвинетиот Димитриев, што го препиша на стравот да не остане колегата без работа. На прашањето дали во фирмата имале по овој настан друг во кој има настрадано работник, Савов кажа да, мислејќи на смртта на 23-годишен велешанец кому на 19 февруари годинава на градилиште во Петровец му падна метален профил и го усмрти.

    Потоа сведочеше и Виктор Стојчевски, одговорен за возен парк на фирмата „Феромонт“ од Скопје. Сведочеше дека возачи имале само за тешките возила, камионите и доколку денот немале обврска со нив, тогаш ги возеле патничките возила. Критичниот ден 16 октомври 2024, возилото „форд транзит“ обвинетиот Орце Димитриев го возел и во двата правци, кон Скопје и кон Велес. Тоа возило имале можност да го возат четири лица, сите тие биле во него критичниот ден. Сите патнички возила кои ги имале биле со осум седишта или со четири седишта. Не се сеќаваше дека на возилото со кое се случи сообраќајката претходно некогаш му се отворила шибер вратата.

    „Мене од обвинетиот Орце за управувањето на возилото ми се пожалија колегите во 2022 или 2023 година, дека вози брзо. Со него неколку пати разговарав за ова, тој рече во право сте. Не преземав мерки како раководител, бидејќи тој кажа дека нема да се повтори и не добив повторно забелешки на неговото возење, оти ако се повтори, повеќе немаше да работи во фирмата. Бидејќи не добив повратни забелешки, не прашав како тој вози“, рече сведокот Стојчевски.

    Димитриев, кој е обвинет кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кое го сторил со умисла, не признава вина.

    Според обвинението, возачот при возењето не се придржувал на сообраќајните прописи, возел со брзина од околу 104 километри на час иако определената брзина била 70 километри на час,  а возел под дејство на психотропни супстанци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира