ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ТРОЈЦА ЗА ПОЖАРОТ НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ТРОЈЦА ЗА ПОЖАРОТ НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“Тројцата создале дива депонија со фрлање отпад и нелегален откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови и сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата. (Фото: ОЈО Скопје)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара притвор за три лица осомничени дека се одговорни за пожарот на дивата депонија „Вардариште“ во Скопје на 31 август.

    Од Обвинителството соопштија дека со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата „Вардариште“ во Скопје по наредба на судија на претходна постапка, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик. ОЈО Скопје денеска поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото.

    „Осомничените, подолг временски период се до 02.09.2025 година, на улица Зендел Џемаил, бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето. Сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење на дејност за управување со отпад која согласно закон ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Согласно обезбедените докази, постои основано сомнение дека осомничените вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпад, создале диви депонии спротивно на прописите за заштита на животна средина, со што влијаеле на квалитетот на почвата и воздухот, но и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето“, вели Обвинителството.

    Депонијата гореше на 31 август, а со денови смрди од големиот пожар, во чие гасење учествуваа 5 противпожарни возила. За време на последниот пожар во „Вардариште“, чии последици уште се чувствуваат низ неколку скопски општини, од безбедносни причини исклучени беа далекуводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче и пет часа немааше струја.

    Депонијата гореше на 31 август, а со денови смрди од големиот пожар, во чие гасење учествуваа 5 противпожарни возила. (Фото: ОЈО Скопје)

    Од вчера, жителите на Аеродром секој ден во 18 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се реши проблемот.

    Граѓанската Иницијатива O2 денеска ги повика сите кандидати за градоначалници јавно да ветат дека итно ќе ја решат еко-бомбата со дивата депонија „Вардариште“.

    Од О2 велат дека за да се започне со санација на „Вардариште“, потребно е да се донесат преостанатите два ДУП за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3, од Општина Гази Баба. Само тогаш ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација на „Вардариште“. Овие два ДУПа се ставени дури во февруари годинава во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година на Владата. Изработката ја врши Агенцијата за планирање на просторот.

    „Сиве изминати години, децении, Општина Гази Баба го кочеше процесот со неносење на ДУП за „Вардариште“, иако се крајно едноставни и лесни за изработка. Сега ќе чекаме Агенцијата да ги изработи, па потоа да се изгласаат од Советот на Гази Баба“, велат од О2.

    Од Иницијативата бараат итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште. За тоа е потребно Општина Гази Баба итно да ги изработи и донесе двата Детални урбанистички планови (ДУП) за ‘Вардариште’. Додека проектите не се готови, најитно да се изврши запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор. Транспарентно да се известува за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.

    Иницијативата потсетува дека за „Вардариште“ има изработена физибилити студија за санација од 2014, а останува да се види дали е потребна нова или ќе може оваа да се користи, останува да се види. Со физибилити студијата таму се предвидени голф терени, парк, расади со рози…

    Според изготвените документи од 2016 за Регионалниот план за управување на отпад – Скопски Регион, „Вардариште“ е планирано да биде претоварна станица каде ќе се носи отпадот од Гази Баба, Арачиново, Петровец и Илинден, па потоа од таму во Дрисла. Во исто време, општините Аеродром, Кисела Вода, Центар, Чаир и други општини ќе го носат својот отпад директно до Дрисла.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира