Обвинителството ќе ја истражува сообраќајката во која на 8 јули возачот на автобус на ЈСП „Скопје“ изгуби контрола, одите в лево и се качи на бетонската жардиниера на булеварот Гоце Делчев во центарот на градот спорти ТЦ „Мавровка“, при што беа повредени возачот и уште двајца патници. На прес-конференцијата следниот ден која ја организираше Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), возачот Ферзи Арифи и претседателот на КСОМ Марјан Ристески кажа дека за инцидентот е виновно раководството на претпријатието кое не ги сервисира автобусите и со тоа ги доведува во опасност вработените, но и патниците.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека оформи предмет и испитува инцидентот, врз основа на поднесено писмено известување од МВР-СВР Скопје, Одделение за увиди на сообраќајни незгоди.
„Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП ‘Скопје’, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата. За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност (БЈБ) да обезбеди податоци и документација од ЈСП ‘Скопје’ во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес. Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот. Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица кои имаaт сознанија за настанот“, соопшти Обвинителството.
На прес-конференцијата на 9 јули, Ристески кажа дека инцидентот се случил бидејќи бил неисправен воланот, односно во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа.
„За овој автобус како и за други се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече Ристески.
По ова, на прес-конференцијата се појави новиот директор Драги Кушовски кој тогаш беше на функцијата една недела, и им рече дека шират шпекулации. Побара да приложат извештај во кој пишува дека автобусот е неисправен. На ваквите обвинувања од директорот, возачот Арифи почна да плаче и му рече дека тие постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден пак се пуштаат во сообраќај и се даваат на други шофери.
„Цел живот сум во ЈСП, тука и низ скопските улици ми побеле косата. На трасата од линијата 2 ја знам секоја дупка и не е можно да ми се случи вакво нешто. Воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви неисправни автобуси“, рече Арифи.
А. АНТЕВСКА