ОБВИНИТЕЛСТВОТО МОЛЧИ ЗА ИСТРАГАТА ПРОТИВ 11 ПОЛИЦАЈЦИ ОД СВР ВЕЛЕС ЗА ПРОПУСТИТЕ ВО ЗАШТИТАТА НА УБИЕНАТА РОСИЦА КОЦЕВА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО МОЛЧИ ЗА ИСТРАГАТА ПРОТИВ 11 ПОЛИЦАЈЦИ ОД СВР ВЕЛЕС ЗА ПРОПУСТИТЕ ВО ЗАШТИТАТА НА УБИЕНАТА РОСИЦА КОЦЕВАОбвинителството повеќе од една година истражува дали 11 полицајци направиле пропусти при постапувањето во врска со заштитата на Росица Коцева, која во повеќе наврати го пријавувала поранешниот партнер Илија Стефановски за насилство. (Фото: СДК.МК)

    Од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања не откриваат што се случува со истрагата против 11 полициски службеници од СВР Велес. На 26 септември лани, МВР соопшти дека внатрешната контрола утврдила дека тие не постапиле во целост и согласно законските обврски и процедури по пријавите од Росица Коцева, пред таа беше убиена од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски. На прашањата што ги упативме на почетокот на јули и на 29 септември, од ОЈО ГОКК не одговорија.

    „Врз основа на извршените проверки, поднесен е предлог за поведување дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамките на неговата надлежност“, соопштија од МВР.

    Ова Обвинителство повеќе од една година истражува дали 11 полицајци направиле пропусти во постапувањето во врска со заштитата на Росица Коцева, која во повеќе наврати го пријавувала Стефановски за насилство. Тој ја уби во нејзиниот дом на 15 септември 2025, откако претходно го уби и нејзиниот татко Киро, а потоа се самоуби.

    Во писмениот одговор од ОЈО ГОКК во март беше соопштено дека се сослушани 11-темина полициски службеници, како и други лица во својство на сведоци. Потоа следуваше молк.

    Стефановски на денот на убиството ги прекршил двете активни мерки за забрана. Едната била изречена од Основниот суд Велес по барање на ОЈО Велес и се однесувала на забрана за напуштање на живеалиштето во Скопје. Стефановски не ја испочитувал ниту втората изречена мерка на претпазливост – забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со Росица и со И. М. Тој бил во домот на таткото на Росица и ја чекал да пристигне за да ја убие. Истрагата открила дека Стефановски го убил татко ѝ Киро наутро, а потоа чекал во нивниот дом сè до попладнето, околу 15:30 часот, кога се случила крвавата разврска. Илија ја убил Росица со шест убоди од нож, а потоа самиот се пробол во вратот.

    Пролетта 2025 година, половина година пред убиствата, Стефановски сторил две кривични дела против Росица – загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство на 20 февруари и насилство во ноќта меѓу 3 и 4 март, за кои добил условна затворска казна.

    Од 21 јануари до 7 јули 2025, Росица седумпати пријавила во СВР Велес дека Илија ја напаѓа, малтретира и вознемирува. Полицијата соопшти дека постапила по сите пријави.

    Меѓу другото, на 18 мај лани, Стефановски испишал графити низ Велес со навредлива и заканувачка порака, во која директно било наведено нејзиното име. На 19 јуни, на влезната врата од една продавница, бил пронајден залепен УСБ, на кој имало фотографии и експлицитни снимки од Росица и Илија.

    На 21 мај 2025, Коцева го пријавила Стефановски во ОЈО Велес за неизвршување судска одлука, бидејќи, и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени во граѓанска постапка, тој не ги почитувал и продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии, обидувајќи се да воспостави комуникација со неа. На 18 мај се приближил до нејзиниот дом, го одзел автомобилот на татко ѝ и го запалил на друга локација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира