Првачињата во руралните пелагониски општини ќе добијат еднократна парична помош од 7.000 до 10.000 денари во зависност од општината каде што живеат.
Општина Новаци преку Советот донесе одлука дека ќе им даде ваучер од 10.000 денари на првачињата, а на учениците од второ до деветто одделение по 6.000 денари.
„Со оваа мерка сакаме да им помогнеме на родителите полесно да ги обезбедат потребните средства за почетокот на учебната година и да покажеме дека грижата за децата, образованието и поддршката на семејствата остануваат наш приоритет“, рече градоначалникот Стевче Стевановски.
Општина Могила најави дека ќе исплати по 9.000 денари за секое прваче и училиштен ранец, со прибор до 1.200 денари. Општина Демир Хисар, пак, ќе даде по 7.000 денари за сите првооделенци кои ќе седнат во клупите на демирхисарските училишта.
Пелагониските општини со години се соочуваат со намален број ученици, а ова е една од мерките да се потттикне наталитетот и да се задржат младите брачни парови во родните места.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



