Од денеска повторно е пуштена жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст на Водно. Жичницата не работеше од лани во март поради пандемијата на ковид-19. Како што велат од ЈСП „Скопје“, изработен е протокол за работа според кој во една кабина ќе може да се возат само 4 лица, што е половина од капацитетот.
„Изминатиов период се завршени сите неопходни процедури за пуштање на жичницата во функција од технички и безбедносен аспект. Во изминатиов период направен е редовен годишен преглед од овластена институција, мониторинг од Државен инспектор за жичници, како и редовен технички преглед. Жичницата е повторно функционална и скопјани можат да ја користат“, рече директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски.
Од сабота ќе бидат пуштени и бесплатните автобуски линии 25А и 25Б кои ќе возат до Средно Водно, а беа воведени со цел да се дестимулира одењето со коли на планината.
Жичницата ќе работи секој ден освен секој понеделник и последниот вторник во месецот. Автобуските линии за време на викенд и за државни празници се бесплатни за сите категории патници. Дозволен е превоз на домашно милениче куче со мал и среден раст и превоз на куче придружник на лицата со хендикеп.
А. АНТЕВСКА