ОД ГЕРМАНИЈА ГО ЗЕМАВ НАЈДОБРОТО И САКАМ ДА ГО ПРИМЕНАМ ДОМА, ВЕЛИ ХИРУРГОТ ЗЛАТКО ЈАКОВ, КОЈ ПО 11 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА

    ОД ГЕРМАНИЈА ГО ЗЕМАВ НАЈДОБРОТО И САКАМ ДА ГО ПРИМЕНАМ ДОМА, ВЕЛИ ХИРУРГОТ ЗЛАТКО ЈАКОВ, КОЈ ПО 11 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦАЈаков рече дека речиси три месеци помага на Хирургија, со дежурства, а чека официјално да биде преземен и да почне да работи. (Фото: Министерство за здравство)

    Од Германија го земав најдоброто, но големо е задоволството да се работи со својот народ, рече денеска хирургот Златко Јаков кој после 11 години работа во Германија, се вратил во Прилепската болница, каде претходно работел 10 години.

    Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Прилепската болница промовираше два апарата вредни 731.448 евра (45 милиони денари): лапароскопски столб за уролошко одделение и aртроскопски столб за ортопедски одделение со 4К резолуција.

    Јаков рече дека речиси три месеци помага на Хирургија, со дежурства, а чека официјално да биде преземен и да почне да работи.

    На новинарско прашање што е она што го натерало да се врати дома, д-р Јаков рече дека тоа е задоволството да се работи со свој народ, да се покаже стручноста која се стекнала, да се примени и да се сподели со колегите.

    „Нормално тука се сите други предности кои ги нуди татковината. Парите се доволни, тој стил на живот, задоволува оваа плата, истото во Германија, само треба да е десеткратно повисоко, бидејќи е поскапо. Големо е влечењето кон сопствениот дом. Јас сум преблагодарен, од Германија може да кажам го земав најдоброто и сакам да го прикажам тука. Овде се компензира со индивидуалност, со натчовечки напори, со вредности кои сите ни ги препознаваат кога ќе појдеме надвор, колку сме посветени, добри. Организацијата е таа што ги движи работите напред, дека може да се организираме сум повеќе од убеден, гледам луѓе кои се врени, компетентни, останале тука, значи верувале во нешто. Никој не е подобар од нас, немајте дилема, дури и обратно можам да кажам, штом од нас зависат, ние одиме таму, многу работиме, многу сметаат на нас, не е можно дома да не се организираме и да бидеме добри исто така“.

    Директорот на Болницата, Кире Јоноски рече дека двата апарата се со 4К резолуција што на лекарите им дава подобра слика на ткивата на органите.

    „Ќе ни биде многу олеснета работата при интервенцијата, пациентите ќе ги третираме во нашата болница, нема да одат во други градови. Планирана е нова опрема скоро за сите одделенија, нов дигитален рентген, еег апарат, столб за анестезија, ќе имаме новини на Очното одделение“, рече директорот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира