Заборавен и од државата и од црквата е манастирот Карпино, кој се смета за најстар манастир во Североисточниот Регион, со долговековна и славна историја. Манастирот, во Општина Старо Нагоричане, е еден од највредните средновековни споменици на Балканот, а денес се соочува со големи предизвици во зачувувањето и обновата.
Според пишаните документи, црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ е изградена во 1592 врз темелите на постара црква од 14. век од времето на цар Душан, а по народните преданија потекнува од 1100. Овој сакрален објект е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период на Македонија и меѓу првите е прогласен за споменик на културата, заштитен со Закон за заштита на спомениците во 1950.
Во манастирот Карпино живееле над 300 калуѓери и тој важел за црковно-духовно и културно јадро за целиот регион. Оригиналните ракописи, кои сега се наоѓаат во библиотеките во соседството, сведочат за препишувачката школа и за постоењето на ќелијно училиште.
Манастирот Карпино е сместен помеѓу селата Сув Ора, Аљинце, Дренак и Канарево, во општина Старо Нагоричане, кои се дел од планинскиот предел на Козјачието, на само 20-тина километри од Куманово, на патот кон Крива Паланка. (Фото: СДК.МК)
„Манастирот бил значаен книжевен и скрипторки центар во 16. век, а активен верски живот имало до крајот на Втората светска војна. Поседувал богата манастирска библиотека со преку 60 книги, кои подоцна биле однесени во Белград, Софија и Москва. Во почетокот на 19. век, од 1806 до 1812 година, во него творел игуменот и книжевник Кирил Пејчиновиќ“, вели Славица Крстиќ, историчарка на уметност.
Старите ракописи, заедно со прекрасните икони, и уникатниот иконостас се вредно културно богатство и денес зборуваат за непроценливо значење на овој духовен центар. Во Карпино се сочувани најстарите експонати од резбарските школи, како царски двери – дел од иконостасот, вратата на олтарот во резба со позлата, голем змиски крст, нафора, певница од седеф и трон.
„Освен сликарството, особена улога во турскиот период имал развојот на применетата уметност на значајни предмети од дрво, керамика и метал, исто така развиени под византско влијание“, вели Крстиќ.
Но, за жал, во овој манастир денес нема ниту еден лист од некогашната богата и раскошна збирка книги, а иконостасот и скапоцената колекција на икони од 1606 се наоѓаат во галеријата на икони во Соборниот храм „Свети Никола” во Куманово од 2017. Во 2020 во црквата е изработен нов иконостас, а на фреските им треба сериозна реставрација и конзервација. Руинирани се и конаците во манастирот.
Единствени кои се грижат и сакаат да го сочуваат овој древен историски споменик се жителите од околните села и членовите на Здружението за заштита и рурален развој „Карпино“. Посветени на неговото обновување и враќање на духовниот живот, вложуваат труд да го претворат манастирот во привлечно културно-историско и туристичко место.
Претседателот на Здружението Трајче Димитриевски вели дека нивната идеја е да се обнови духовниот живот во манастирот и да се стави на мапата на туристички дестинации во регионот, да се популаризира неговата вредност за да му се врати местото кое го заслужува.
„Годинава, за првпат организиравме прослави на празникот Пречиста Богородица кој се слави на 4 декември и за Бадник. Беше служена празнична литургија. Дојдоа повеќе луѓе што беше голем успех за нас. Уживавме во природата и дружењето“, вели Димитриевски.
За да го заживеат комплексот тие со свои средства и со помош на црквата, со дозвола на Националниот конзерваторски центар (НКЦ) од Скопје, веќе инвестирале во обновата на еден конак, што значи голем чекор за поголема посетеност на местото.
„Го реновиравме конакот кој не е под заштита како културното наследство. Ги сменивме вратите и прозорците, направивме кујна и трпезарија, целосно се опремени 4 соби со кревети, постелнини кои ни се донирани, а дел и самите купивме. Воведена е вода, има струја, има услови за престој, а има и интерес“, вели Трајче.
Комплексот често го посетуваат и планинарите, бидејќи патеката до него поминува низ недопрена природа, а можноста да се преноќи пружа нова преспектива.
Една од причините поради кои овој објект со децении беше оставен на забот на времето беше лошата патна инфраструктура. Минатата година, Општина Старо Нагоричане во соработка со Бирото за рамномерен развој обезбеди 3,5 милиони денари за санација и тампонирање на патот.
„Сега со автомобил може да се отиде до пред манастирот, што порано беше незамисливо. Доаѓаат луѓе од овој крај, но и оние со чии корени се одовде, а се во странство. Летоска имавме гости од Србија и Словенија. Со добра промоција мислам дека ќе привлечеме туристи од целиот Балкан. Сакаме да се развива верскиот и рурален туризам, кои се туристички тренд и се интересни за домашните и странски туристи. Добро би било и да нѐ вметнат во програмата на ученичките екскурзии, како и да станеме дел од понудата на туристичките агенции за еднодневни екскурзии. Но, за сето тоа ни треба поддршка од државата“, вели Димитриевски.
Тие испратиле писма до Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културно наследство, од каде чекаат одобрение за заштита на останатите помошни објекти. Од Националниот центар велат дека не се запознаени дека е изграден патот ниту, пак, до нив стигнало барањето на жителите, затоа ги повикаа повторно да се обратат до нив, за да им излезат во пресрет.
Во меѓувреме членовите на Карпино сакаат туристичката понуда да ја збогатат со изградба на камп населба на Карпински Езера, како и пешачка патека од неколку километри, која ќе биде атрактивна за рекреативците. За оваа намена ќе бараат средства од донатори и проекти, но и од локалната самоуправа и бизнис секторот, за да се врати душата на ова непроценливо културно богатство во регионот.
Манастирот Карпино е сместен помеѓу селата Сув Ора, Аљинце, Дренак и Канарево, во Општина Старо Нагоричане, кои се дел од планинскиот предел на Козјачието, на само 20-тина километри од Куманово, на патот кон Крива Паланка. Името го добил по карпестиот предел околу него, кој плени со својата уникатност и величественост, создавајќи автентична композиција која го прави манастирот Карпино привлечно место за љубителите на природата и историјата.
„Црквата ‘Воведение на Пресвета Богородица’ претставува безкуполна, еднокорабна градба во правоаголна форма, која во источниот дел завршува во разбиен триконхос, и како таква е единствен пример во кумановскиот крај и пошироко. Припаѓа на хетерогената група на споменици со необични архитектонски решенија. Карактеристично за тој период е тоа што се граделе мали цркви кои повеќе наликувале на селски куќи, без прозорци, со кров на две води и без куполи, поради стравот да не бидат забележани и уништени од Османлиите. Таму каде што имало прозорци тоа биле тесни засеци во правоаголна форма“, вели историчарката Крстиќ.
Во подоцнежниот период, на северозападната страна на црквата, со иста архитектура, истовремено е изградена и висока камбанарија. Во дворот имало и два конака со 30 соби, кои на времето биле многу посетувани, но се разликувале како „кумановски“ и „паланечки“ одаи, а нивните имиња упатувале на потеклото на донаторите во манастирот. Побогатите и угледни семејства имале и свои соби. Манастирот бил богат со свои ниви, пасишта и добиток. Поради неговата местоположба, на падините на Козјак Планина, среде христијански села, манастирот бил тешко достапен за Отоманците. Но, поради пожари и други непогоди често бил разурнуван, а најмногу настрадал за време на Втората светска војна. Според пишувањето на хроничарот Јован Хаџи Васиљевиќ, манастирот едно време многу се задолжил и паднал во рацете на кратовскиот бег Ахмед Чалма. Христијанското население успеало да го откупи собирајќи пари и продавајќи го дури и сребрениот накит од жените.
С. НИКОЛИЌ