ОД НОВАТА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВА БИОГАС ЗА СТРУЈА И НЕМА ДА ЗАГАДУВА ЗА РАЗЛИКА ОД СЕГАШНАТА ВО МЕГЛЕНЦИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СТЕВАНОВСКИ

    ОД НОВАТА ДЕПОНИЈА ВО НОВАЦИ ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВА БИОГАС ЗА СТРУЈА И НЕМА ДА ЗАГАДУВА ЗА РАЗЛИКА ОД СЕГАШНАТА ВО МЕГЛЕНЦИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СТЕВАНОВСКИВо депонијата Мегленци јадат свињи, а се провираат и собирачи на пластика кои со ракавици буричкаат по ридовите ѓубре (Фото: Ѓ. Личовски)

    Регионаната депонија што треба да се изгради на територијата на Општина Новаци, во суштина би требало да биде фабрика што ќе го селектира и рециклира отпадот. Органскиот отпад ќе биде подложен на анаеробна ферментација од што би се добило биогас за производство на електрична енергија. Другиот отпад ќе се селектира и пренасочува на финална рециклажа онаму каде што е наменет.

    „Регионалната фабрика за рециклирање на отпадот треба да ги задоволува сите ЕУ регулативи за модерна депонија. Загадувањето ќе биде сведено на минимум за разлика од она што сега се случува со депонијата Мегленци, која не задоволува никакви стандарди и услови и екстремно ја загадува животна средина во Пелагонија“, вели градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.

    Регионалната депонија која се планира да се изгради ќе овозможи и нови вработувања за локалното население. Одлуката за изградба на регионална депонија во Новаци е на Советот на Југозападниот Регион. На веб страницата на ова тело пишува дека градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, во декември минатата година изразил задоволство што дефинитивно е напуштено предложеното решение регионална депонија за цврст отпад да се гради кај селото Годивје во Дебрца.

    Градоначалникот Стевановски вели дека ова е решено уште пред пет години, кога новачани на јавна расправа дале зелено светло за депонијата.

    „Што се однесува до регионалната депонија, која како проект е отпочната во 2004 година и последователно сите овие години била на некое ниво актуелизирана, до ден денес не е ништо конкретно преземено. Во овие пет месеци од кога сум јас градоначалник од мене не се бара согласност од Министерството за животна средина затоа што согласноста е дадена во 2017 година, како од страна на локалното раководство, така и од жителите на Општина Новаци. Од мене се бара само соработка и вклученост на Општината во понатамошните процеси кои ги диктира Министерството“, вели Стевановски.

    Регионалната депонија ќе се гради со средства обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

    Системот за управување со отпадот на новата регионална депонија, која треба да започне со градба оваа година, предвидува и претоварни станици за отпад во Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола, а ќе се формира и јавно меѓуопштинско претпријатие за транспорт и одлагање на сметот.

    „Во Општина Новаци ќе има седиште на Јавното меѓуопштинско претпријатие за управување со сметот. Ова е многу значајно и за стружани и за охриѓани, но и за сите граѓани од овие два региона. Со години го очекувавме ова и овие диви депонии засекогаш да се затворат и да не бидат повеќе секојдневие на критики од граѓаните и невладините. Во контејнери од 40 метри кубни сметот од Струга ќе се пренесува во новата депонија“, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

    Ж. ЗДРАВКОВСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира