ОД ОБИЛНИОТ ДОЖД СЕ СРУШИ КУЌАТА НА ТАПАНАРЕВИ ВО ВЕЛЕС, ЗАШТИТЕНА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    ОД ОБИЛНИОТ ДОЖД СЕ СРУШИ КУЌАТА НА ТАПАНАРЕВИ ВО ВЕЛЕС, ЗАШТИТЕНА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОКуќата на Тапанареви во стариот дел на Велес, во месноста Долни дуќани, а иако е заштитена со закон како споменик на културата, државата не презема ништо да ги заштити ни оваа ни неколку други заштитени куќи . (Фото: СДК.МК)

    Вчера околу пладне, од обилните врнежи во Велес се сруши половината од објектот познат како куќата на Тапанареви, која е напуштена и празна повеќе години, а поради нејзината архитектура беше заштитена со закон. Куќата е во стариот дел на градот, во месноста Долни дуќани.

    „Ова е куќата на Тапанареви, во неа не живеше никој со години. Поројниот дожд влијаеше преку влагата да се сруши еден дел. Беше оставена на забот на времето. Добро е што никој не настрада кога падна, а имаше минувачи. Жално е што во слична состојба се и други неколку куќи во ова маало“, рече жител на овој дел од Велес.

    Во листата Споменици на културата за град Велес прогласени од државата, оваа куќа е заведена под бр.4-831-03/44. Подолу од неа, на 50-тина метри според истата листа се пет куќи заштитени од државата, но две се во очајно лоша состојба, таа на Шоптрајанови и на Настеви. Државата не дозволува интервенции на нив, бидејќи се заштитени, а времето ги уништува. Често на ова реагираа сопствениците на куќите кај Варналиите. Голем недостиг е што Велес нема Конзерваториски центар како во други градови, а повеќето обиди на велешани да добијат ваква институција не минаа. Стручните лица велат дека државата мора да се грижи за овие староградски бисери, не само декларативно туку во пракса.

    Подолу од куќата на Тапанареви на 50-тина метри, според листата Споменици на културата за град Велес се пет куќи заштитени од државата, но две се во очајно лоша состојба, таа на Шоптрајанови (десно) и на Настеви (лево). Државата не дозволува интервенции на нив, бидејќи се заштитени, а времето ги уништува. (Фото: СДК.МК)

    „Старата архитектура е дел од нашето културно наследство. Овие куќи се обележје на своето време, но и од денешен аспект, може многу да се научи од нив. Архитектурата од овој период, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот, е доста специфична. Жално е што голем дел од овие куќи во старите градски јадра се оставени да пропаѓаат и покрај тоа што се прогласени за културно наследство. Ова само го покажува односот на државата кон она што има историска и културна вредност“, вели архитектот Ана Теова од Велес.

    Лани, во пожар до темел изгореа две куќи од старото градско јадро кај Варналиите, при што смртно настрада и сопственикот на едната од нив, Миле Паунов. Во мај 2012, исто така во пожар изгоре куќата на Габерови во месноста Дворови. Управата за заштита на културното наследство, досега ништо не стори за нивна обнова.

    Во писмениот документ, извештајот по извршениот увид зимава од страна на Националниот конзерваториски центар на двете куќи кај Варналиите, е запишано дека треба да се започне со процедура за изработка на идејно решение за делумна реконструкција на двете опожарени куќи, бидејќи имало фото и архитектонска документација за нивниот надворешен изглед. Досега нема информации дека нешто се презема за обнова на изгорените куќи кај Варналиите и на Габерови.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира