ОДБЕЛЕЖАНА 20-ГОДИШНИНАТА ОД ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО ТЕАРЦЕ

    ОДБЕЛЕЖАНА 20-ГОДИШНИНАТА ОД ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО ТЕАРЦЕНападот на 22 јануари 2001 беше предвесник на конфликтот кој после месец и пол изби во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Рано изутрината нешто пред два часот на 22 јануари 2001 година, терористичка група на т. н. ОНА со ракетни фрлачи ја нападна полициската станица во Теарце. Биле испалени два проектила од кој едниот промашил додека вториот ја погодил полициската станица при што тешко го ранил полицаецот Момир Стојановски, кој починал на пат кон тетовската болница, додека Давор Евросимовски бил потешко ранет а Борче Ѓувовски и Јахи Лика биле полесно ранети. Сеќавајќи се на овој настан, кој беше предвесник на конфликтот кој после месец и половина изби во Македонија, претставници на МВР, Одборот на бранителите на Македонија и на политичките партии, денеска положија цвеќе.

    „Денес се навршуваат точно 20 години од нападот на полициската станица во село Теарце. И после 20 години ние, бранителите и граѓаните, се сеќаваме на овој настан како да беше вчера, а болката за загинатиот не поминува и денес. Овој настан како да беше предвесник на воениот конфликт во 2001 година кој заврши со Охридскиот договор. Истовремено ова е можност уште еднаш да ѝ свртиме внимание на власта за нивните обврски и грижа кон тие што ги положија своите животи во темелите на денешната држава и кон нивните семејства“, изјави Марин Најдов од Одборот на бранители.

    Иако на одбележувањето на оваа годишнина имаше малку присутни жители на Теарце, тие велат дека и по дваесет години не се забораваат овие настани, но и дека сега меѓуетничката состојба во Теарце, во кое живеат Македонци, Албанци и Турци и други националности, е добра и нема меѓуетнички недоразбирања.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира