Со изложбата на фотографии од Петар Ставрев „Со факелот на слободата до победа“, во Битола се одбележаа 80 години од формирањето на првиот битолски партизански одред „Пелистер“. Одредот бил формиран на 22 април 1942 во Лавчанската Корија на Баба Планина, симболично или случајно на истиот ден кога една година претходно Битола била окупирана од фашистите.
Како што кажа претседателот на Сојузот на борци Стефан Бошков, внук на народниот херој Стив Наумов, пред формирањето на одредот, од фашистите биле убиени Орде Чопела од Прилеп и Вангел Мајоро од Битола, кои по ослободувањето беа прогласени за народни херои.
„Ако од денешен аспект гледаме дека 15 души се малку, во тие услови беа многу. Цела вечер бараа чаре кој ќе биде во четата, еден затворен, друг во илегала, тоа беше тежок период поради априлската провала. На крај успеаја да соберат 16 битолчани и 5 прилепчани. Целта беше подготовка за вооружено востание. Скоро сите немаа искуство со оружје, освен неколку души што имаа фатено оружје во рака. На трети мај се случи борбата каде загинаа шест славни партизани. Меѓу нив и Елпида Караманди, која ранета за коса беше влечена од бугарските војници“, рече Бошков.
Одредот бил прва организирана единица која водела борба на подрачјето на Битола. Стив Наумов имал напишано: „Досега народот беше уплашен, сега дозна дека има некој што се бори за неговата слобода“.
На изложбата „Со факелот на слободата до победа“ беше прикажана осумдецениската историја на Битола од формирањето на партизанските одреди, па развојот на градот до денес.
„Да се сака градот, да се почитуваат неговите знаменитости и сите настани кои оставиле трага“, рече авторот на изложбата Петар Ставрев.
Само неколку дена пред партизанскиот јубилеј, во градот кој даде седум народни херои во НОБ, беше отворен бугарски клуб кој го носи името на соработникот на фашистите Ванчо Михајлов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА