Испитното рочиште за финансиско-материјалната состојба на АД „Фени“ во стечај и извештајното Собрание на доверители, закажани за денеска во Основен суд Велес, не се одржаа.
Откако еден час присутните адвокати и застапници, повеќе од 70 лица, се легитимираа, стечајната судијка Валентина Ѓоргиевска кажа дека рочиштето се одлага.
„Бидејќи е поднесена жалба до Апелација за отворањето на стечај на АД ‘Фени‘, предметот не е кај мене и не можам да работам по него“, рече судијката Ѓоргиевска.
Таа ги одложи испитното рочиште и извештајното Собрание на доверители за 7 февруари.
„Одлагањето на стечајната постапка не оди во прилог на вработените“, констатираше претставникот на синдикатот на СИЕР, Стојко Мурџевалески, кој ги застапуваше 762-та вработени во „Фени“ и додаде:
„Бараме стечајот што побргу да заврши и вработените да бидат ангажирани од кој било инвеститор. Уште на почеток кажавме дека стечајот како постапка нема можност да заврши така брзо, како што се најавуваше. Ако се проследат сите рокови, без приговори, жалби и одложување, би траел неколку месеци. А, во овој случај, имаме и жалби и приговори. Минаа три месеци, а стечајот сѐ уште не е почнат“.
Во очекување на исходот од рочиштето, беа и дваесетина превозници од Кавадарци и околината. Тие биле ангажирани во сестринска фирма на „Фени“ и се жалат дека од март лани не добиле никакви средства за услугата што ја вршат.
„Имаме побарувања од четири милиони евра од ‘Нова логистика‘. Имаме договори со неа и на секои 120 дена ги продолжуваме. Ние сме 60 превозници со 200 камиони. Никој нема одговор за нашиот проблем, ќе бараме и од ‘Комерцијална банка‘ и од вицепремиерот Анѓушев“, рече Душко Пауновски од Здружението на транспортери, во коешто членуваат возачи од Кавадарци и Росоман.
П. ПЕЧКОВ