ОФИЦЕРСКИ ДОМ КОЈ ГО ГРАДИ САМСОНЕНКО ЗАЕДНО СО ХОТЕЛОТ НА ПЛОШТАД ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ВО ОКТОМВРИ И ПРЕДАДЕН НА ВЛАДАТА

    ОФИЦЕРСКИ ДОМ КОЈ ГО ГРАДИ САМСОНЕНКО ЗАЕДНО СО ХОТЕЛОТ НА ПЛОШТАД ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ВО ОКТОМВРИ И ПРЕДАДЕН НА ВЛАДАТАНа објектот Офицерски дом во моментов се завршени 90 отсто од работите.(Фото: К.Попов)

    Офицерски дом кој е дел од комплексот со хотел на Плоштад Македонија и го гради рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ќе биде готов во октомври. Потоа објектот Градска куќа што треба да биде ќе биде предаден на Владата односно на Службата за општи и заеднички работи која треба да го уреди со мебел и да го стави во функција. Офицерски дом треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и во него да има простории за матичната служба.

    Хотелот и Офицерскиот во центарот на Скопје се градат 13 години, а почна да ги гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011 година. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски каде министер беше Миле Јанакиески му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по цена од 100 евра по квадрат односно за 630.000 евра. Инвеститорот според договорот има обврска во склоп на хотелот да изгради и резиденцијален дел за градоначалникот на Скопје каде ќе има и матична служба, со фасада на некогашниот Офицерски дом.

    Но, откако Кондоминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде Сергеј Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра и продолжи под истите услови да го гради објектот.

    Од фирмата на Самсоненко „СИС инвест груп“ велат дека во моментов градежните работи се одвиваат со засилена динамика и дека до крајот на годинава двата објекти ќе бидат пуштени во употреба.

    „На објектот Офицерски дом во моментов се завршени 90 отсто од работите. Изведена е армирано-бетонска конструкција на сите нивоа на проектот. Кулата на последниот кат која гравитира на главниот плоштад е изградена, таа е изработена во челична конструкција и е во фаза на затворање согласно проектот. Фасадната е веќе во завршна фаза, електрични и водоводните инсталации се 70% завршени. Лифтовите во сите блокови се веќе нарачани и ќе бидат  поставени според проектната документација во најбрз рок. Машинските инсталации се завршени 40%. Нив ги изведува компанијата ‘Кратер‘ со која уште сме во судски спор од причина што е исплатен фиктивен долг за опрема која не е инсталирана“, велат од фирмата „СИС инвест груп“.

    Во однос на хотелот како што велат од компанијата армирано-бетонска конструкција на сите нивоа на проектот  е изведена 90%, во моментов започнато е со работа на кровот и фасадата.

    Градежните работи на двата објекти беа прекинати неколку години поради, а продолжија лани. Од фирмата на Самсоненко рекоа дека прекинот е поради опструкции. Најпрво, застој во градбата имало поради неоснованото поведување стечајна постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запира на 29 декември 2020. Откако тој проблем бил решен, причина за застојот во довршување на изградбата, според правниот тим на Самсоненко, биле постојаните опструкции од Општина Центар кои се технички и поради тоа не можело да се продолжи со градењето.

    Според договорот за продажба на градежното земјиште, фирмата „СИС инвест груп“ требаше да го изгради објектот до 10 април 2022, што не е направено. Поради надминување ги роковите за изградба на двата објекта на Плоштад Македонија, Самсоненко плаќа секој месец пенали на Општина Центар во висина од 10.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира