ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА НЕМА ВРАТА, АМА ИМА КЛУЧ

    ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА НЕМА ВРАТА, АМА ИМА КЛУЧИако руинираниот Офицерскиот дом нема ниедна здрава врата, Општина Битола лани му дала клуч на „Комуналец“ за обезбедување на културно-историскиот споменик од 1911, кој пропаѓа поради долгогодишната негрижа на државните и локалните институции (Фото: СДК.МК)

    Офицерскиот  дом од задната страна нема врата, но сепак има клуч кој Општината му го дала на јавното претпријатие „Комуналец“, за да го преземе обезбедувањето на објектот, за што се зборуваше и на седница на Совет во Битола. Офицерскиот дом е културно-историски споменик од 1911 година со најатрактивна архитектура на битолски Широк сокак, поради која некои го нарекуваат и битолски Версај.

    За жал, поради долгогодишната негрижа на државните и локалните институции претворен е во руина. Некогаш Офицерскиот дом се отворал само за одбрани гости, а денес  низ искрешените врати и прозорци секој може да влезе и да украде кабли, жици зашто само уште тие останаа во салите.

    Некогаш Офицерскиот дом се отворал само за одбрани гости, а денес низ искрешените врати и прозорци секој може да влезе и да украде кабли, жици зашто само уште тие останаа во салите (Фото: СДК.МК)

    „Според извештајот од Општината, обезбедување на објектот е на  јавното претпријатие ‘Комуналец’ од  февруари, 2016. Од страна на Општина Битола им бил даден  клучот  од Офицерскиот дом, за кој денес сме сведоци дека нема врата “, рече Благојче Котевски, советник на СДСМ.

    Од јавното претпријатие „Комуналец“ потврдија дека добиле допис од Општината за да го обезбедуваат објектот, но велат дека не се агенција за обезбедување.

    „Ние добивме официјален допис од Општина Битола во кој нѐ задолжија околу физичко обезбедување и редовно да се чисти објектот. Ни дадоа клуч , влегоа наши луѓе внатре. Тоа беше на почетокот на минатата година, огромни количини на комунланен отпад од внатре и од надвор беа исчистени. Сега внатре нема комунален отпад, таму се крадат жици, кабли. Не сме стручни да го обезбедуваме. Немаме агенција за обезбедување, не ни смееме да го правиме тоа, не ни е по статут. Не е внесено ни во програмата за работа“, рече директорот на „Комуналец“  Зоран Соклевски.

    Со години министерствата и Општината си ја предаваа надлежноста врз објектот, а сите мерки кои се презедоа беа времени и не придонесоа за целосна заштита на овој бисер на битолската архитектура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира