Општина Охрид за нецела година откако дојде новата локална власт го намалила долгот кон разните доверители за над 100 милиони денари, но градот не може сам целосно да ги покрие долгувањата, кои сега изнесуваат 1.472.122.329 денари. Се бара финансиска поддршка и од Владата, за да се разреши овој проблем.
Долговите на Општината се влечат неколку децении. Во времето кога градоначалник во два мандата беше Александар Петрески се зборуваше за долг од околу десет милиони евра. Неговиот наследник Никола Бакрачески тврдеше дека значително го намалил општинскиот долг, но најновите показатели говорат дека на 30 ноември 2017 година, тој изнесувал 1.573.036.905 денари.
„Согласно неколкуте спроведени анализи и утврдување на начините за подмирување на старите обврски, на 30.11.2017 година вкупниот долг на Општина Охрид изнесувал 1.573.036.905 денари. Со состојба на 30.09.2018, долгот бил 1.472.122.329 денари, односно е намален за 100.914.576 денари. Преку склучување спогодби и регулирање на односите со доверители, Општината има остварено заштеда од 17.572.707 денари”, вели градоначалникот Јован Стојаноски.
Новата локална власт во Охрид, во која има и финансиски стручњаци, е свесна дека долгот не може сама целосно да го подмири.
„Одлуката на Владата за доделување неповратни средства, со кои ќе се покријат 51% од пријавените обврски на општините, е само круна на досегашните разговори. Со исплаќањето на дел од старите долгови, ќе се овозможи нов развоен циклус на Општина Охрид, ќе има повеќе средства за развојни, а посебно за инфраструктурни проекти”, изјави Стојаноски.
Пред деценија и пол, Охрид поради големи долгови прогласи банкрот, но со помош на централната власт, беа обезбедени средства за колку-толку нормално функционирање.
Д. ЧУБРИЌ