ОХРИД УШТЕ НЕМА ПРОТИВПОЖАРЕН БРОД, КАНЕО И ТРПЕЈЦА БЕЗ ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИ

    ОХРИД УШТЕ НЕМА ПРОТИВПОЖАРЕН БРОД, КАНЕО И ТРПЕЈЦА БЕЗ ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИПротивпожарните авиони служат за гаснење на оган во шумски предели, а не во населени места. - Ер трактор во акција на Охридско езеро снимен во 2014 година

    Во Охрид одново е актуелизирано барањето за набавка на противпожарен брод. Ваков пловен објект е потребен, бидејќи на крајбрежејето се наоѓаат две големи населби, Канeо и Трпејца кои што немаат никаква заштита од евентуален пожар. До нив од копно не може да дојде ниту едно противпожарно возило.

    „Набавката на еден противпожарен брод е меѓу приоритетите на нашата работа. Сакаме да имаме брод кој би служел за вадење на потонати предмети, поставување на пловки, а особено да има пумпа за гаснење на пожари на места каде што немаат пристап противпожарните возила. Тоа се двете најголеми крајбрежни населби и за ова неофицијално разговарав и со министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски. Постои можност ваков брод Охрид да добие за една до две години. Локалната нема пари за купување на вакво пловило”, вели капетанот на капетанијата во Охрид Горан Устијановски.

    Канео и Трпејца се најнезаштитени населби на охридскиот брег. На дел од Трпејца од кај патот Охрид-Свети Наум може да дојде противпожарно возило, но во подолните делови нема пристап. Во Канео, пак, вакво возило не може да влезе.

    При првата промоција од пред седум-осум години на штотуку добиените противпожарни авиони „Ер трактор” на охридскииот аеродром, на прашањето дали овие летала можат да се користат за гаснење на евентуални пожари на крајезерските населби, еден од пилотите и одговори дека тие служат за гаснење на оган во шумски предели, а не во населени места.

    Капетанот Устијановски е свесен за опасноста од пожари во Канео и Трпејца иако вели дека тоа досега не се случило. Но, на прашањето што ако не дај Боже избувне пожар во овие населби, кусо одговара: „Тогаш сме во мат позиција”.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира