ОХРИД ЗА ВЕЛИГДЕН ОЧЕКУВА БУГАРИТЕ И ГРЦИТЕ ДА ПОЧНАТ ДА СЕ ВРАЌААТ КАКО ТУРИСТИ ПО КОРОНАКРИЗАТА

    ОХРИД ЗА ВЕЛИГДЕН ОЧЕКУВА БУГАРИТЕ И ГРЦИТЕ ДА ПОЧНАТ ДА СЕ ВРАЌААТ КАКО ТУРИСТИ ПО КОРОНАКРИЗАТАВо Охрид и Струга се очекуваат и голем број домашни гости сместени во приватни сместувачички капацитети и сопствени викенд станови, а помал дел имаат резервации и во хотели. (Фото: СДК.МК)

    Во пресрет на велигденските и првомајските празници има едвај 50 отсто исполнетост на хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера. Иако ваквата бројка е далеку поголема во споредба со изминативе две години кога за време на пандемијата, повеќето хотели остануваа празни, од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека е далеку од посакуваниот број гости за излез од неповолната состојба во која се наоѓаат. Причините ги гледаат во поскапувањата на производите, горивата и енергијата како и војната во Украина.

    За продолжените празнични викенди, најбројни ќе бидат гостите од Бугарија и Грција, помал дел од Црна Гора, а не изостануваат и индивидуалните посети на Срби.

    „Има раздвижување во хотелскиот сектор со странски гости, оди на подобро но далеку сме од очекувањата. Исполнетоста од 40-50 проценти во хотелските капацитети е незадоволителна бројка. Но сепак нешто почнува. Пред пандемијата, за Велигден сме биле целосно исполнети“, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.

    Според него, војната во Украина ги тера луѓето да се обезбедуваат со основни намирници, а не да размислуваат на патувања и одмори кои во ваква состојба се луксуз кој не можат да си го дозволат.

    Во Охрид и Струга се очекуваат и голем број домашни гости сместени во приватни сместувачички капацитети и сопствени викенд станови, а помал дел имаат резервации и во хотели.

    „Имаме домашни гости, но повеќето се странци. Најверојатно за вакви празници ги привлекува интересот да видат како празнуваме, обичаите. За Први мај имаме гости претежно од соседството. Кризата секако влијае, ги немаме повеќе гостите од Украина, од Русија. Искрено очекуваме да имаме и добра туристичка сезона“, вели Маријан Трпески, менаџер на хотелот „Сити Палас“.

    За оптимистичките очекувања на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски годинава да се остварат 2,5 милиони ноќевања Блажески вели дека тоа зависи од состојбата во Украина и растот на цените на продуктите.

    „Од надворешните влијанија и војната во Украина, ќе зависи и претстојната туристичка сезона. Ако има сигурност и престанат наглите покачувања на цените на се, народот да осети дека може да потроши пари на одмор, ќе имаме добра туристичка сезона. Исполнетоста на капацитетите во јули и август не се доволни да го извадат туристичкиот сектор за цела година“, додава Блажевски.
    Економската криза ја зголеми и цената на хотелските услуги, но тоа не ги прави конкурентни и привлечни за странските гости, сметаат туристичките работници. Според нив после пандемијата ваквиот удар врз туристичкиот сектор ќе остави долгорочни последици.

    „Пандемијата заминува, но сега се соочуваме со друга криза која никој не ја посакуваше ниту ја очекуваше. Согласно најавите кои ги имаме далеку сме од очекувањата да имаме остварувања како во 2019 година но сепак после две години на пандемија туризмот ќе почне да закрепнува од последиците кои ги имаше. Имаме добри најави за празниците, тука се гостите од соседството, а за Први мај ја очекуваме првата група од Полска“, вели Јаким Маленко туроператор од Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира