Охрид до крајот на годинава ќе добие нов дом за стари лица во населбата Далјан, на брегот на Охридското Езеро. Објектот, за кој се чекаше повеќе од една деценија, е изграден, а во наредните месец до два ќе се знае кога ќе започне со работа.
Покрај просторот за сместување и грижа за повозрасните, објектот има можност и за дополнителни здравствени содржини, вклучително и болнички капацитети, во согласност со урбанистичкиот план. Според градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, инвеститорите разгледуваат различни можности за дополнување на услугите, а Општината има интерес домот што поскоро да биде ставен во функција.
„При самиот крај е тој објект. Покрај сместувачкиот капацитет, односно грижата за старите лица, има можност и за болница во самиот објект, врз основа на урбанистичкиот план, до 30 проценти во компатибилните намени. Инвеститорите разгледуваат различни варијанти во кои и ние како град имаме интерес да бидеме вклучени, за сето тоа побрзо да биде ставено во функција. Во наредните месец до два би требало да има разврска и да добиеме предвидлив датум за почеток на работата“, изјави Пецаков.
Тој рече дека Општината учествувала во подготовката на потребната инфраструктура, вклучително и уредувањето на земјиштето и обезбедувањето приклучоци за електрична енергија, вода и канализација. Проектот е поддржан од локалната и централната власт, меѓу другото и преку субвенционирање на комуналиите.
За повозрасните граѓани и нивните семејства најважна цената оти, како што велат, голем број пензионери се со пониски примања. Според нив ваков објект е неопходен, особено за оние кои живеат сами, но предупредуваат дека нивните пензии можеби нема да бидат доволни за да ги покријат трошоците за сместување и грижа.
„Би требало да има пензионерски дом, во години сме сите и мислам дека тоа е позитивна работа. Но, пензиите се претежно мали и ќе треба некаков додаток, бидејќи пензијата нема да може да стигне“, вели една повозрасна жена.
За дел од граѓаните, домот претставува можност за достоинствена старост и поголема сигурност, особено за оние кои немаат блиски лица што би можеле секојдневно да се грижат за нив.
Во Охрид на почетокот на месецов беше отворен и Центар за дневен престој на стари лица, наменет за дружење и активности на повозрасните. Располага со просторија за дневен престој, кујна, соби за рекреација и за работа на стручните тимови, како и три тоалети. Центарот работи од 8 до 16 часот, а во моментов го посетуваат околу 30 корисници.
С. ВРЕНЦОВСКА



