ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ОТИ НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ СЕ ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУС

    ОХРИДСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ОТИ НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ СЕ ПОЗИТИВНИ НА КОРОНАВИРУСКонстантин Георгиески засега не е тестиран за коронавирус бидејќи немал симптоми (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот градоначалник Константин Георгиески од пред два дена е во самоизолација откако неговите родители добиле позитивен тест за коронавирус. Мерките за претпазливост ги ставија во изолација и членовите на неговото потесно семејство.

    „И покрај почитувањето на сите мерки и препораки за превенција, моите родители имаат позитивен тест за коронавирус. За среќа, засега имаат лесна клиничка слика. Согласно утврдените здравствени протоколи, јас и целото мое семејство во текот на наредниот период ќе бидеме во изолација“, напиша Георгиески на Фејсбук.

    Тој упати апел до сите граѓани да бидат внимателни и максимално да ги почитуваат мерките за заштита.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека на градоначалникот не му бил направен ковид-тест, бидејќи засега немал никакви симптоми.

    Според податоците на ЦЈЗ, изминатава недела бројот на заразени речиси се удвоил, па само во Охрид имало 86 нови случаи на коронавирус. Бројот на активни случаи сега е 149. Од почетокот на пандемијат, во Охрид има 582 заразени и 21 починат од ковид-19.

    Поради самоизолацијата на Георгиески, Кризниот штаб, место денеска, ќе заседава утре преку платформата Зум.

    „Членовите на Кризниот штаб во текот на целиот изминат период се во постојана комуникација и координација и се консултираат за состојбата со коронавирусот и за тоа кои мерки треба да бидат преземени на локално ниво“, велат од Одделението за односи со јавност на Општина Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира