При пад од петти кат во окно од лифт во зграда која е во изградба вчера загина 28-годишниот охридски снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев. Веднаш бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде биле направени обиди за негова реанимација, но биле неуспешни.
„На 12 јануари 2026 година, во 15:00 часот во СВР Охрид е пријавено дека при извршување работни задачи во објект во изградба, 28-годишниот Кристијан Љушев од Охрид паднал и се здобил со тешки телесни повреди. Со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија ‘Св. Еразмо’ Охрид, каде подоцна починал. Лекар констатирал смрт, а увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Охрид“, велат од СВР Охрид.
Љушев работеше во неговата „Шпанец продукција“. Неговиот професионален ангажман опфаќаше широк спектар на проекти, од комерцијални видеа и музички спотови, до документарни и интернационални продукции. Соработуваше со бројни музичари и уметници, меѓу кои Александар Јосифоски, Мартин Милески, Влатко Броз, Марама и други.
Посебно беше посветен на визуелното документирање на културните и традиционалните настани во Охрид и поширокиот регион, а неговиот творечки печат е присутен и во повеќе проекти поврзани со Бигорскиот манастир.
Веста за неговата прерана смрт предизвика силни реакции во јавноста. Колеги, пријатели и соработници се простуваат од Љушев, изразувајќи длабока тага и неверување поради трагичната загуба.
Љушев ќе биде погребан утре на градските гробишта во Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА



