ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ЌЕ ДОБИЈАТ СЕРТИФИКАТИ ДЕКА СЕ ЧИСТИ И БЕЗБЕДНИ ОД КОВИД-19

    ОХРИДСКИТЕ УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ЌЕ ДОБИЈАТ СЕРТИФИКАТИ ДЕКА СЕ ЧИСТИ И БЕЗБЕДНИ ОД КОВИД-19Туристичките работници во Охрид очекуваат годинава да се вратат традиционалните странски туристи.(Фото: СДК.МК)

    Независната угостителска комора (НУК) пред охридските угостители денеска ги презентираше начините и бенефитите од стекнување на правото за користење на сертификатите „Чисто и безбедно“ (Clean&Safe) и Safe Travels.

    Угостителите се запознаа со начинот за стекнување со правото за добивање на премиум златен сертификат „Чисто и безбедно“ , а беа презентирани и првите прочистувачи кои го елиминираат живиотвирус од воздухот како и бенефитите од нивното користење и имплементирање во угостителските објекти.

    „Угостителски објекти,ресторани, кафулиња, барови, клубови, хотели, мотели и останати сместувачки објекти од мал обем, сега имаат можност да се здобијат со национален „Чисто и безбедно“ и интернационален сертификат Safe travels со кои се верификува дека во нивните угостителски објекти во целост се спроведуваат, практикуваат и почитуваат националните и глобалните препораки за превенција и заштите во ширењето на пандемијата со ковид-19“, рече претседателот на НУК Здравко Јосифовски.

    Според него добивањето сертификaтите е од посебно значење не само за време на пандемијата ковид-19, туку и за постковид периодот, бидејќи, како што рече, не само локалните гости туку и на останатите потенцијални туристи и посетители на Македонија на овој начин ќе им се укаже дека се води грижа за нивната сигурност и здравје при нивната посета и престој во македонските угостителски објекти. Јосифовски рече дека годинава се очекува поголем број странски гости за разлика од минатата сезона.

    „Факт е дека оваа година ќе бидат отворени границите и дел од традиционалните туристи очекуваме да се вратат во туристичките објекти. Најголем проблем кај угостителските објекти е примената на протоколите кои во континуитет се неприменливи односно се носат во последен момент и се создава хаос. И покрај нашите препораки Комисијата за заразни болести навремено да се посвети повеќе во донесување соодветни правилни протоколи и стратешки протоколи со кои ќе знаеме под кои услови, како и кога ќе можеме да работиме, не ги изработи ниту пак Владата направи некој промени во тој аспект. Она што во моментов е очигледно е дека ние имаме протоколи нови за организација на прослави и веселби но ноќните клубови и летните дискотеки  уште немаат добиено протоколи. Дел од објектите на охридската ривиера немаат отворени тераси и тие нема да можат да функционираат како другите кои имаат“, вели Јосифовски.

    Од Здружението за туризам и угостителство „Охридски еснаф“ велат со ваквиот начин Охрид како туристички центар квалитативно ќе се издигне во туристичката понуда.

    „Овај сертификат е потврда дека ќе се работи согласно актуелните препораки за справување со пандемијата. Навистина е императив странските гости да знаат во каков тип на објект влегуваат, дека тој објект е чист и безбеден. Очекуваниот број на прилив на странски гости годинава е поголем како од регионот така и од подалеку, вели Михаил Мишев, претседателот на „Охридски еснаф“.

    Сертификацијата и добиените електронски печати угостителите можат да ги користат во своите рекламни материјали, на социјалните мрежи, на своите веб страни во електронска форма, како и на влезните врати на самите угостителски објекти. На овој начин се стекнува единствена потврда дека угостителските објекти исполниле не само локални стандарди туку дека исполнуваат и многу глобални стандарди за превенција и заштита на личното здравје, поготово од ковид-19 со што можат слободно на своите гости да им гарантираат чист, безбеден и пријатен престој како по дома.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира