По две години откако Владата ѝ ја одзеде концесијата за риболов на фирмата „Летница белвица“, Охридското Езеро ќе добие нов концесионер. Во тек е јавен повик објавен од Комисијата за спроведување постапки за доделување концесии на рибите за вршење стопански риболов на риболовното подрачје „Охридско Езеро“, формирана од Владата во 2022. Концесијата ќе биде доделена за период од шест години, а крајниот рок за поднесување на понудите е до 20 овој месец.
Екологистите сметаат дека езерото не смее да се остави без стопан оти се зголемува рибокрадството, а се намалува рибниот фонд посебно на ендемичната охридска пастрмка.
„Охридското Езеро како и изминатите децении се порибува по вештачки пат, но за жал, изминатите години нема концесионер. Популацијата на охридската пастрмка треба да се следи да се мониторира, но за жал, тоа не се прави. Сепак, неофицијално, таа е пред истребување. Потребно е итно да се склучи договор и порибувањето да оди како и досега“, вели екологистот Ѓоко Зороски.
Според него, за да се зачува пастрмката како најзначаен вид треба да се воспостави и соработката со албанската страна, каде често пати таа неконтролирано се лови.
Екологистите потенцираат дека и во услови кога Езерото има концесионер непходен е надзор за да се контролира неговата работа.
„Некогаш и кога има концесионер прашањето е кој него ќе го контролира. Можеби некое преодно решение би било поставување на видеонадзор на одредени места во Езерото, каде би се следело физички и во живо кој влегува и што се случува во езерската шир. На тој начин би се добила вистинска слика дали има криволовци и кој сè нелегално лови риба“, вели Зороски.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во годишната програма предвидува средства за порибување со охридска пастрмка, но проблем е што не може да се најде модел тоа да се направи без концесионер.
По само неколку месеци стопанисување со рибниот фонд во Охридското Езеро, државата во 2020 ѝ ја одзете концесијата на струшката фирма „Летница белвица“. Негрижа за рибниот фонд е само една од причините за ваквата одлука на Владата. Една година претходно ѝ беше одземена дозволата на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“ поради неисполнување одредени законски обврски.
С. ВРЕНЦОВСКА