Од рано изутринава источното охридското крајбрежје е без вода. Гости кои празничкиот викенд решиле да го минат во населените места на потегот од Свето Стефан кон Пештани јавуваат дека немаат вода и никој не им кажува за што станува збор и кога ќе се реши проблемот. Вода речиси 12 часа немаат ни хотелите, ни рестораните во овој дел од крајбрежјето.
Директорот на „Водовод-Охрид“ Марјан Ристевски преку смс порака ни одговори дека станува збор за голем дефект на водоводната мрежа во Лагадин и дека екипи работат на санирање на дефектот и очекува водоснабдувањетода биде стабилизирано.
Ова не е прв дефект на водоводната мрежа на истиот потег. Многу често среде туристичка сезона се случува во овој дел од крајбрежјето да снемува вода или притисокот да биде многу слаб.
Во пресрет на велигденските и првомајските празници има едвај 50 отсто исполнетост на хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера. За продолжените празнични викенди, од странство најбројни ќе бидат гостите од Бугарија и Грција, помал дел од Црна Гора, а не изостануваат и индивидуалните посети на Срби. Иако ваквата бројка е далеку поголема во споредба со изминативе две години, кога за време на пандемијата повеќето хотели остануваа празни, од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека е далеку од посакуваниот број гости за излез од неповолната состојба во која се наоѓаат.
А. АНТЕВСКА