ОКОЛУ 13.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ УЧЕСНИЦИ ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ НА НАТО ВЕЛАТ ДЕКА ДРЖАВАТА НЕ САКА ДА ИМ ПОМОГНЕ

    ОКОЛУ 13.000 ЦИВИЛНИ ИНВАЛИДИ УЧЕСНИЦИ ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ НА НАТО ВЕЛАТ ДЕКА ДРЖАВАТА НЕ САКА ДА ИМ ПОМОГНЕИако работеле во цивилните служби на НАТО, како последица од престојот воените зони речиси сите страдаат од синдромот на посттрауматски стрес и растројство, велат од здружението „Вера и надеж“. (Фото: СДК.МК)

    Здружението „Вера и надеж“ од Куманово вели дека над 13.000 граѓани од земјава кои учествувале во мировните мисии на НАТО во Ирак и Авганистан се инвалиди, но дека државата сè уште не ја препознава оваа категорија граѓани. Иако тие работеле во цивилните служби на НАТО, како последица од престојот воените зони речиси сите страдаат од разни физички и трауматски повреди, меѓу кои многу е застапен синдромот на посттрауматски стрес и растројство. Тие велат дека државата воопшто не е заинтересирана да најде начин како да им помогне.

    „По долго лутање низ институциите, кое започна уште од 2018 година кога се формиравме како Здружение, дојдовме до заклучок дека државата воопшто не е запознаена на каков начин да ни помогне да ја сервисираме нашата здравствена состојба која подразбира лекарска евалуација и остварување на социјалните права. Најголемиот проблем со кој се среќаваме е сериозната разлика помеѓу државната статистика и нашата статистика. Според нас, тоа се над 13.000 цивилни инвалиди кои учествувале во мировните мисии на НАТО, додека државната статистика зборува само за 900 вакви инвалидизирани лица“, изјави Катерина Георгиевска од Здружението „Вера и надеж“.

    Овие лица, посебно оние кои претрпеле посттрауматски стрес, бараат од државата институционално да се грижи за нивното здравје и здравјето на нивните семејство, се залагаат за поголема едукација на лекарскиот кадар за нивните проблеми, бидејќи станува збор за нови дијагнози кои до скоро ги немало кај нас. Исто така, бараат да се формира Анкетна комисија која ќе работи на регулирање на нивните права, односно на утврдување нова категорија на инвалидност која би се однесувала на овие лица.

    „Бараме од државата да формира Анкетна комисија заради регулирање на правата и статусот на цивилните инвалиди од мировните мисии на НАТО. Анкетната комисија треба да утврди нова категорија инвалидизирани граѓани, да изготви и имплементира Закон за инвалиди од НАТО мировни мисии, да се изготват регистри на НАТО дијагнози, да се формира лекарска комисија за утврдување инвалидност кај цивилни лица од НАТО мировни мисии за остварување на правото од инвалидска пензија за овие лица“, вели Драган Цветковски, поранешен учесник во цивилни мисии на НАТО , кој и самиот добил со тешки телесни повреди при една ваква мисија.

    Според „Вера и надеж“, од Македонија досега во цивилните мисии на НАТО учествувале над 13.000 наши граѓани од кои најмногу, околу 10.000 се од Куманово, околу 2.000 се од Тетово и над 1.000 се од Скопје.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира