ОКОЛУ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВИСОКИ И ГОЛЕМИ ОБЈЕКТИ ОТИ СЕ ПРЕПРЕКА ЗА БЕЗБЕДНО СЛЕТУВАЊЕ НА ХЕЛИКОПТЕРИ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ

    ОКОЛУ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВИСОКИ И ГОЛЕМИ ОБЈЕКТИ ОТИ СЕ ПРЕПРЕКА ЗА БЕЗБЕДНО СЛЕТУВАЊЕ НА ХЕЛИКОПТЕРИ ЗА ИТНИ СЛУЧАИНа просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи:- Од симулацискиот лет на полициски хеликоптер во 2019 / Долу десно, идејното решение за 17-катницата што тррба да се гради на овој потег. (Aрхивска фотографија)

    Во соседството  на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти нема да може да слетуваат хеликоптери, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Агенцијата за цивилно воздухопловство. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат.

    САКАМДАКАЖАМ.МК информациите за спорното урбанистичко решение во општина Карпош ги доби во пријава на алатката Пријави корупција  и независно ги верификуваше.

    „Од аспект на природата на болницата и евентуална потреба за специјализирани услови за воздухоплови во околината не треба да има објекти коишто претставуваат препрека за безбедно одвивање воздушен сообраќај“, велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

    „Ние го контролираме цивилното воздухопловство и вакви специјални летови не се во наша надлежност. За нив не треба одобрувае, но ние даваме одобрување за терените кои можат безбедно да се користат за слетување и полетување. Иако не станува збор за класични хелиодроми, такви во Македонија нема, тука станува збор за погодни локации коишто се користат како терен за вертикално полетување и слетување на воздухоплови во специјализирани услови, како што се итни медицински случаи или за потребите на службите за трагање и спасување. Во секој случај, околината на потенцијални терени за слетување на водухоплови во итни случаи треба да биде зачувана и заштитена од државата“, велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

    Од Агенцијата објаснуваат дека вакви итни летови во моментов изведуваат само воздухопловите на полицијата, военото воздухопловство и воздухопловствата на партнерските земји од НАТО, но во иднина може да се појави и специјализиран оператор за медицински летови, какви што има во другите држави, за што досега имало неколку најави од странство.

    Зградата која се планира да се гради е во болнички комплекс во скопската населба Карпош 3, каде што покрај болницата „8 Септември“ се наоѓа и поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош за Скопје, ПЕТ центарот и приватната болница „Жан Митрев“. Според урбанистичкиот проект, зградата ќе биде со два ката деловни објекти и 17 ката станбен дел. Ќе има 420 станови, околу 2.000 жители и дневна фрекфенција на дополнителни 1.000 возила.

    Покрај ова урбанистичко решение кое поминало во стручните служби на Општина Карпош, спорно е што оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на архитектонско наследство од времето на брутализмот бидејќи остварува континуитет со архитектонскиот израз на високата Модерна и е заштитен објект како културно наследство. Поради тоа Конзерваторски центар не дава позитивно мислење за урбанистичкиот проект за станбената зграда, бидејќи според правилата за заштита на спомениците,  околу  не смее да има објекти кои со својата висина и габарит би го попречувале погледот кон објектот што се води како споменик на културата Воена болница.

    Но сепак, градоначалникот на Оштина Карпош Стевчо Јакимовски, месецов го одобрил урбанистичкиот проект, а службите во Општина Карпош непречено ја водат процедурата за издавање градежна дозвола.

    ГОБ „8 Септември“, е одредена како Единица за прва реакција (First Response Unit) за НАТО силите во Косово, кои во итни случаи би го користеле теренот на јужната страна за слетување на хеликоптери. Со донација на Европската команда на армијата на САД во 2013 година беше реновиран Ургентниот центар и придружни две операциони сали. Тој оддел уште при проектирањето за потребите на некогашната ЈНА е дизајниран како мобилна служба за брза помош при масовни несреќи и природни катастрофи.

    Во досегашната пракса во болницата повеќепати биле транспортирани повредени со хеликоптери, особено често на почетокот на 1990-тите кога во државава беа стационирани силите на Обединетите нации (УНПРОФОР). Најмасовен хеликоптерски медицински транспорт имало на 5 март 1993 година кога од Скопскиот аеродром, за помалку од еден час со хеликоптери на мисијата УНПРОФОР во болницата биле донесени 16 тешко повредени патници од авионската несреќа на „Палер Македонија“ што се случи веднаш по полетувањето. Повеќе пати на овој простор слетувале и хеликоптери на Американското воено воздухопловство што се стационирани во базата Бондстил во Косово.

    Летото 2019 беше изведен симулациски лет со полициски хеликоптер, за Агенцијата за цивилно воздухопловство да ги одобри координатите за воздушен пристап до болницата и теренот кој во случај на итност може да се користи за вертикално слетување и полетување.

    17-катницата која се планира да се гради е во болнички комплекс во скопската населба Карпош 3, каде што покрај болницата „8 Септември“ се наоѓа и поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош за Скопје, ПЕТ центарот и приватната болница „Жан Митрев“. (Фото: СДК.МК)

    Болницата е изградена во рамки на обновата на постземјотресно Скопје. Пуштена е во употреба на 22 декември 1971 за потребите на тогашната ЈНА, за Скопската армиска област што се протегаше јужно од Ниш во Србија, сосе Косово и цела Македонија, при што половина од капацитетот бил резервиран за цивилно население. Од 2009 е дел од системот на јавното здравство, но според бројот на пациенти и стручната експертиза таа ја надминува дефиницијата за “градска болница“ бидејќи во неа се лекуваат пациенти од цела држава и од Косово.

    Во централната зграда која има 9 ката, сите болнички соби се сместени на јужната страна. Во иднина, тие би гледале кон  чудовиштето од 17 ката. Баш на тоа земјиште што државата во 2015 го продала на приватен инвеститор за висококатница со станови за живеење, при проектирањето на болницата бил предвиден и просторот за хелиодром кој и сега се гледа видно означен на картите на Гугл.

    Армијата на Македонија денеска користи само една од зградите во северниот дел од комплексот чиј сопственик е Министерството за одбрана. Таму е сместен Воено медицинскиот центар на Армијата.

    Но, и покрај стратешкото безбедносно значење за државата, во 2015 година, за време на Владата на Никола Груевски, Министерството за одбрана дало зелено светло за Детален урбанистички план (ДУП) со кој се предвидува изградба, на 28-катна зграда во близина на болницата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК праша во Министерството за одбрана дали и во која мера планиратата 17-катница со 2.000 жители ќе ги загрози стретешките и безбедносни интереси на земјава која за разлика од 2015, сега е членка на НАТО, со оглед дека Воена болница меѓу другото е  одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана?

    Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција (First Response Unit) за НАТО силите во Косово, кои во итни случаи би го користеле празниот терен на југ од болницата како хелиодром. (Принтскрин од мапа на Гугл)

    Од Министерството за одбрана ни одговорија дека за овој случај се вршат дополнителни консултации.

    „Во 2015 година до Министерството за одбрана е поднесено барање за согласност на урбанистичкиот план со кој на посочената локација е предвидена изградба на висококатница од 28 ката со подземни простории. Министерството во 2015 година издало согласност за оваа градба. Во октомври 2023 година, доставено е барање за согласност со услови за градба од аспект на безбедност во воздушниот сообраќај за објект станбена зграда на улица Никола Русински. Со оглед на тоа што безбедноста на воздушниот сообраќај не е во исклучива надлежност на Министерството за одбрана, во тек се дополнителни меѓуинституционални консултации“, велат од Министерството.

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и  Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“ кој е и сопственик на парцелата.

    Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013 во Општина Карпош, во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    Градоначалникот на Општина Карпош за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави: „Смешно е тврдењето дека овој објект ќе ја загрозел поранешна Воена болница, а другите три што се уште поблиску не ја загрозуваат и имаат одобрение од Конзерваторски центар. Како може да постои болницата на Жан Митрев, Пет центарот и тоa брвнарата на Орце Камчев што наводно ќе била болница? Овој објект сега ја загрозува Воена болница што е одалечен 400 метри, а овие другиве три не“.

    Откако му наведовме дека болниците во овој дел се високи колку и „8 Септември“, а станбената зграда која ќе се гради е многу повисока односно има 17 ката, Јакимовски рече дека висината не треба да биде пречка за да се добијат потребните дозволи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира