ОПАШКИТЕ НА ДИНОСАУРУСИТЕ ОШТЕТЕНИ ОД ЈАВАЊЕ, ДИНО ПАРКОТ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СО 100.000 ПОСЕТИТЕЛИ

    ОПАШКИТЕ НА ДИНОСАУРУСИТЕ ОШТЕТЕНИ ОД ЈАВАЊЕ, ДИНО ПАРКОТ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СО 100.000 ПОСЕТИТЕЛИВо наредниот период Дино паркот ќе се прошири за плус 700 квадратни метри.(Фото: СДК.МК)

    Над 100.000 граѓани го посетиле Дино паркот во рамките на скопската Зоолошка градина изминативе три месеци. Директорот Ѓорѓи Галетановски вели дека голем број од посетителите се качуваат на опашките и ги јаваат диносаурусите, па дел од нив се оштетени и напукнати.

    „Моравме да санираме дел од динасаурусите, бидејќи опашките им беа оштетени. Во паркот има редари кои ги опоменуваат посетителите дека не треба да се качуваат врз нив, но поради големиот интерес не можеа да ги контролираат сите. Сите штети се поправени и уште еднаш апелирам до родителите да не ги качуваат децата на диносаурусите и да ги почитуваат правилата“, вели директорот Галетановски.

    Во наредниот период, како што вели Галетановски, ќе се работи на проширување на Дино паркот за плус 700 квадратни метри. Со проширување ќе се постават нови содржини за децата, односно игротека и тобогани во јура стил. Проширувањето ќе се врши кон делот каде сега се наоаѓаат шталите на коњите од кочијата за Скопје 2014, кои ќе се префрлат на друга локација во Зоолошката градина.

    Дино паркот беше отворен на 28 мај. Цената на билетот е 50 денари, а изградбата на паркот и набавката на реквизитите чинеше 350.000 евра, кои беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Во паркот има 41 диносаурус во природна големина, со синхронизирани движења, кои испуштаат звуци. Има Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус, мали диносауруси, како и мајки со бебиња и јајца. Низ паркот се засадени 430 високостеблести и нискостеблести растенија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира