Општина Аеродром поднесе кривична пријава против скопското Јавно претпријате (ЈП) „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина. Кривичната пријава е поднесена до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството, откако „Комунална хигиена“ неколку дена не го собираше ѓубрето низ Скопје. Кривична пријава веднаш после Општина Аеродром поднесе и Град Скопје, но против претседателка на Управен одбор на ЈП „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина.
Од Град Скопје велат дека во периодот од 2022 година до денес, било констатирано дека поради активности на Јулијана Спировска од ВМРО ДПМНЕ, претседателка на Управен одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, претпријатието континуирано не ја спроведува својата основна дејност, односно одржување на хигиената на подрачјето на град Скопје.
Од Општина Аеродром велат дека нивните екипи во изминативе 3 дена соберале 24 тони комунален отпад од домаќинствата во Аеродром, работа која градското комунално претпријатие не ја изврши.
„Свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација можеби беа запоставени редовните активности односно чистење на плочници, тротоари и сервисни улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање на лисја, гранки и на неколку места и кабаст отпад. Се извинуваме на сите жители за непријатностите и бараме разбирање“, соопштија од Општина Аеродром.