Издвојување на 20 милиони денари од буџетот на Општина Битола за 2017 година за да почне постапка за изградба на гасоводна мрежа во градот, побараа советниците од опозицијата во битолскиот Совет.
„Во Битола имаме исклучително висока загаденост. Ако бевте искрени во ветувањата пред избори за гасификација на Битола, време е да се издвојат првите средства. Да не чекаме само пари од централниот буџет или од странски фондови туку ние да дадеме добар пример со средства од локалниот буџет“, рече Наташа Петровска, советник од СДСМ.
Претседателката на Советот Силвана Ангелевска изјави дека по овој предлог в понеделник ќе се одржи Комисија за екологија. Ден потоа, во вторник предлогот ќе биде ставен на гласање на Советот.
„За предлогот не добивме материјали затоа не може денес да се гласа. Да не бркаме политика за она што е заеднички проблем. Предлог мерките да се разгледаат на комисија, па потоа ќе се гласа“, рече Ангелевска.
Битола со денови се соочува со воздух загаден со концентрации на ПМ10 честички над дозволеното.
Ж. ЗДРАВКОВСКА