Најмалку пари за обнова на изгорениот планинарски дом Копанки ќе бидат дадени годинава во мандатот на сегашната локална власт предводена од градоначалникот Тони Коњановски. Во 2022 Општината му префрлила 3,8 милиони денари (62.000 евра) на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кој стопанисува со изгорениот објект, лани 2 милиони (32.700 евра), а годинава според изгласаниот буџет за 2024 предвиден е само еден милион денари (16.393 евра). Градоначалникот Тони Коњановски признава дека овие пари се недоволни за целосна обнова на објектот кој изгоре на 28 јануари пред 11 години, па предлага клубот да си најде и дополнителни средства.
„Тоа е еден од проектите за кој се зафативме, рак рана на битолачни, објект кој сите поскауваме да го видиме во она светло што го имаше порано. Тоа го барат и граѓаните и гостите на Битола. Општина Битола издвои средства и помогна на ПСК ‘Пелистер’. Така ќе биде и годинава. Но, мора да се преземат и дополнителни начини, ПСК ‘Пелистер’ да најде начин за дополнителни средства за целиот објект да се реновира и стави конечно во употреба. Дали тоа ќе бидат донаторски конференции, прилози од стопанството… Тука сме ние да бидеме и линк со стопанството, секој да помогне колку што може“, рече Коњановски.
Согласно изгласаниот буџет за 2024. во Програмата за спорт осносно за спортски планински и скијачки клубови извдвоени се еден милион денари.
Градоначалникот лани летото изјави дека Копанки станува реалност и дека до Нова година ќе биде изграден до карабина. Но, градежните работи не се завршени до тој степен и потребно е реконструкцијата да подолжи и понатаму.
Претседатот на ПСК „Пелистер“ Диме Попов и лани кажа дека парите издвоени од Општината нема да бидат доволни зашто растат цените на градежните материјали.
„Финансиските средства што ги донираше Општина Битола во 2022 годиан во износ од 3,8 милиони денари (62.000 евра) не се доволни за обновата на планинарскиот дом ‘Копанки’ од причина што драстично се зголемени цените на градежните материјали и работната рака и се надеваме на додатна финансиска помош од Општина Битола“, рече Попов лани во август.
Иницијативата за Општината финансиски да помогне во обновата на „Копанки“ беше на советничката група на Поинаку. Од префрлените 3,8 милиони денари пред две години се изработи проект, ревизија, се избра надзор, градежна фирма и обновата започна. Во меѓувреме се растири советничкото мнозинство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку, а годинава се намалени и средствата за реконструкција на домот.
Копанки, култниот планинарски дом на Пелистер, изгоре во страотен пожар, а за тоа никој не одговараше.
Ж. ЗДРАВКОВСКА