Комисијата за споменици и спомен обележја при Советот на Општина Битола не ја прифати иницијативата на Сојузот на борци од Битола за поставување биста за првоборецот Пецо Гудовски. Гудовски (1920-2008) беше припадник на македонското националноослободително и комунистичкото движење и учесник во антифашистичката борба. Тој е дедо на актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска –Стојчевска од СДСМ.
Во Комисијата за подигање спомен обележја „за“ гласаа Кети Неделковска, советничка од СДСМ и Кире Климевски од ВМРО-Народна, а воздржание беа Сашо Никовски од ВМРО-ДПМНЕ и Марта Ѓоргиевска од СПМ.
Денес со реакција се огласи претседателот на Сојузот на борци од Битола, Стефан Бошков. Тој изрази изненаденост и разочарување што Комисјата при Општината Битола не го прифати нивното барање за внесување на изградба на биста во Програмата за 2023-2028 година. Посочува дека за прв пат во изминатите 76 години од нивното постоење како организација која се грижи и ги негува традициите од НОВ 1941-1945, не се прифаќа нивно барање.
„Како непартиска и невладина организација за нас единствено се битни учесниците во НОАВМ и настаните кои дадоа придонес во борбата со фашистичките окупатори за создавање на слободна, татковина и држава Македонија. Нас не ни е важно дали денес сродниците на нашите партизани припаѓаат на оваа или онаа партија, ниту дали денес внуката на Пецо Гудовски, Бисера Костадиновска-Стојчевска е министерка од СДСМ. Кога ја донесовме програмата во 2021 повеќето од нас не ја ни знаеа.Денес, за жал, некои сродници на нашите славни борци имааат бугарски пасоши, па дури и бугарски државјанства откажувајќи се од македонското. Дали треба заради тоа да бараме отстранување на бистите на нивните дедовци, славни борци претходници“, пишува Бошков.
За одлуката на Комисијата дознале на денот на формирањето на Седмата бригада чиј командант при ослободувањето на Битола беше токму Пецо Гудовски.
Гудовски е родум од Лавци, работел во селското училиште како служител и така започнале неговите контакти со селскиот учител Тошо Даскалот. Имал заслуги за основањето на партизанскиот одред „Пелистер. Под сомнение дека одржува врски со Тошо Даскалот бил во затвор и измачуван повеќе од 40 дена. Бил член на одредите „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, баралјонот „Стив Наумов“, Првата македонско-косовска ударна бригада и учествувал во борбите во Егејска Македонија, Кочани и Куманово.. Бил носител на многубројни одликувања од времето на НОБ.
Инаку, Комисијата за спомен облежеја ги прифати иницијативите за подигање биста на народниот херој Васко Карангелевски од Сојузот на борци-Битола, спомен обележје за Јонче Мурџевски од истоимената месна заедница и спомен обележје за ликот и делото на пејачот Јонче Христовски поднесена од семејството.
Ж. ЗДРАВКОВСКА