Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи за изведба на шеталиште во паркот односно враќање на некогашното корзо.
Во моментов се расчистува теренот, ќе се отстранува калдрмата и бетонските елементи од тротоарите а истовремено ќе се постави и подземна инсталација и ќе се нивелира земјиштето по што ќе следи подготовка за втората фаза за уредување на просторот.
„Сакаме да ги вратиме сеќавањата на некогашното корзо и овој дел од општината да стане место за дружење на граѓаните. Ќе се постави комплетно нов плочник, клупи, корпи за отпадоци, нови дрвореди, ќе се изведе амфитеатар и детско игралиште. Предвидено и да има и кафулиња со што овој дел ќе добие комплетно нов лик“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски.
За правата фаза од општинскиот буџет се издвоени околу 6 милиони денари. Комплетно проектот треба да биде готов кон почетокот на наредната година.
А. АНТЕВСКА