ОПШТИНА КАРПОШ ПРИКАЖУВА ЛАЖНИ СЛИКИ ЗА „АЛУМИНА“, СО ПЛАНОТ СЕ ДОЗВОЛУВА СИТЕ ЗГРАДИ ДА БИДАТ 35 КАТА, БЕЗ ЗЕЛЕНИ И ЈАВНИ ОБЈЕКТИ, ВЕЛАТ ОД „БОРБА ЗА ВЛАЕ“

    ОПШТИНА КАРПОШ ПРИКАЖУВА ЛАЖНИ СЛИКИ ЗА „АЛУМИНА“, СО ПЛАНОТ СЕ ДОЗВОЛУВА СИТЕ ЗГРАДИ ДА БИДАТ 35 КАТА, БЕЗ ЗЕЛЕНИ И ЈАВНИ ОБЈЕКТИ, ВЕЛАТ ОД „БОРБА ЗА ВЛАЕ“Од граѓанската група „Борба за Влае“ направија слика за тоа што навистина се дозволува да се гради со предлог ДУП-от. (Фото: Фејсбук страна на Борба за Влае)

    Од граѓанската група „Борба за Влае“ велат дека Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски ја замајуваат и лажат јавноста за тоа што ќе се гради на празниот простор на некогашната фабрика „Алумина“. На веб страната на Општина Карпош, во делот каде стојат информации во врска со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за „Алумина“ поставени се и слики од 3Д презентација за уредување на просторот. Но, тоа всушност е само идеја на една проектантска куќа. На седница на Советот на Општина Карпош кусо беа презентирани уште две решенија кои предвидуваат многу поголеми згради и со кои целосно ќе се бетонизира просторот како што дозволува ДУП-от.

    Фирмата „Пуцко петрол“ е сопственик на земјиштето во поранешната фабрика „Алумина“ , а според новиот ДУП за оваа парцела, се предвидува да се градат згради кои можат да бидат високи и до 35 ката.

    Од ДУП-от кој го гледаме на огласната табла, тој нема никакви добри страни, ниту зеленило, ниту патеки, ниту градинка, ниту ограничување на параметри за зградите на Пуцко петрол‘. Општина Карпош му дозволува на ‘Пуцко петрол‘ сите згради да бидат 35 ката. Овој ДУП дозволува нешто различно од визуелизациите кои се само предлог од една фирма. Ако тие визуелизации од првата фирма ви изгледаа огромни, овој ДУП овозможува уште многу полоши решенија. Уште барем 5 пати поголеми параметри“, велат од „Борба за Влае“.

    Од граѓанската група, поучени од историјата во која сопствениците изведуваат 100% од дозволените градби, направија слика за тоа што навистина се дозволува да се гради со предлог ДУП-от.

    „Ако зградата монструм на Настел на терен има 12 спрата, а во ДУП-от 11, а тие кај Алумина 35, тогаш може да очекуваме дека и тие на Пуцко петрол ќе бидат повеќе од 35 спрата. Ова чудовиште од 35 ката ќе ги засени сите околни градби“, додаваат од „Борба за Влае“.

    Од „Борба за Влае“ велат ако Општина Карпош навистина сакала да се изведат градби како на визуелизациите, кои без никаков срам ги промовира како самите тие да се ДУП, тогаш нека го преправи ДУП-от со што ќе ги нацрта овие згради, паркови, јавен простор и патеки за движење.

    Јавната презентација на ДУП-от З06 блок 11 ќе се одржи утре во 13 часот во просториите на Општина Карпош. Анкетни листови или забелешки за планот може да поднесуваат само сопственици на земјиштето на просторот, а во овој случај тоа е само компанијата „Пуцко петрол“. Граѓаните кои се први соседи и кои живеат во овој дел со години немаат право да поднесуваат анкетни листови, иако новите згради ќе се одразат на нив и ќе се наруши хуманото живеење и во овој дел од градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира